Извесно е дека оваа влада набрзо ќе падне по што ќе има нови избори со технички влада и министри, овојпат неопходно дополнето со регулативи за демократизирање на медиумскиот дискурс, посебно телевизиите со национална концесија. Беше доволно да помине околу месец време за и најголемите скептици да се уверат во непобитните вистини и анализи кои укажуваа на тоталната политичка неукост, некомпетентност, површност, политичко лицемерие и лаги на ова и вакво ВМРО-ДПМНЕ (понатаму во текстот мицковистичко ДПМНЕ) и да дојдат до својот полн израз и во практика. Ним им се придружија и оние од ЗНАМ, кои за жал, после потсмевањето кое јавно го доживеа нивниот лидер од страна на оние од ВЛЕН во врска со истакнувањето на албанското знаме во простории во владата, го загубија политичкиот и морален кредибилитет бидејќи не излегоа од влада, како што јавно вети и најави Димитриевски. Целосното демаскирање на сето делување кое е погубно за Македонските национални и државни интереси може да го види секој нормален човек, а со малку напор дури и оние најзаслепените следбеници на мицковизмот во вмро-дпмне, сосе опортунистите и профитерите кои чекаат дебело платени државни функции. Некои од нив, како последните, се разбира дека до последен ден, кој набрзо ќе дојде, упорно ќе одбиваат да се соочат со реалноста за падот на владата предизвикана токму од погоре наведените факти за политичката неспособност и лицемерие на раководството на мицковистичко дпмне кое сега главно е во Владата.
Оттаму, само неповратно изгубено време за државата, македонскиот народ и сите граѓани е да се чека уште некој месец за да се признае дека владеењето на мицковистичко дпмне веќе стана најголема историска политичка катастрофа во севкупниот вековен развиток на македонскиот народ и држава. Не беше тешко да се антиципира овој исход, меѓутоа проблемот е во тоа што ако порано, додека беа во опозиција долги 7 години сето тоа беше смешно и можеше со значителни количини на сеирџиство да се гледа, денес е веќе опасно по самите темели на колективниот езистенцијален идентитет на Македонците. И затоа, колку и да е мачно и опасно, света патриотска должност на секој Македонец е да придонесе кон што е можно побрзиот пад на оваа влада, и со тоа нови избори на кои, да се надеваме, нема да се повтори грешката на гласачите да гласаат за мицковистичко ДПМНЕ.
Иако има бројни многу јасни примери на антидржавно, антимакедонско политичко делување на оваа влада – практично буквално се што направија – од најголемо значење се трите големи теми на Македонија, поставени како основа врз кои воопшто и постои и функционира, а кои истовремено претставуваа и темел на нивната изборна победа. А таму, фактите за свирепо, драматично влошување на објективните состојби во сите аспекти се просто безмилосни.
Откако во голема мерка ги добија изборите со нарација за некакво поништување на преспанскиот договор односно враќање на името Македонија („Никогаш северна, само Македонија“, нели врескаа по митинзи) сите помисливме дека имаат некој генијален, математички прецизен план со кои ќе го реализираат тоа од позиција на власт дури со двотретинско мнозинство во Собрание, кое го имаа за формирање на нови министерства и вдомување на нивни кадри. Помисливме дека во позадина на тоа мошне дрско и провокативно негирање на „северна“ се наоѓа којзнае каква долго осмислувана софистицирана стратегија и кризен менаџмент, анализи од големи светски политички и правни умови, договори со големи светски сили, сојузници, битни структури во Грција итн. итн. Наместо тоа, дочекавме најпрво инфантилна, смешна циркусијада со неизговарање на „северна“ на прес-конференции, една значително лоша театарска претстава на која и монти пајтон дружината не им е рамна во комичните димензии. И се разбира, направија само беља – до тој степен што Грција и официјално најавува вето на интеграцијата во ЕУ и, уште повеќе, блокада на ЕУ фондовите за државата (!). Ако се случи тоа, и покрај срамното ретерирање и себеплукачко пишманење на мицковистичко ДПМНЕ преку папагалско повторување дека ќе ја употребуваат „северна“ (имаше дури и официјално соопштение на МНР за тоа), последиците на оваа нивна лоша и палава детска игра ќе бидат катастрофални за и онака очајните економски состојби, до тој степен што е можно набрзо да снема пари во државниот буџет за полиција, војска, администрација, огромните плати на функционерите, а ќе има нов циклус на инфлација и дополнително осиромашување на народот. Сеирџиите би рекле – ако де, затоа што во таква ситуација сигурно ќе има протести, немири, па нови избори и владата на мицковистичко дпмне ќе падне. Сепак, лично претпочитам да не се случи тоа мошне реално сценарио, и самите да си дадат оставка, токму за да се заштеди време и да не се нанесат дополнителни штети на државата, кои еве, и на овој пример, се покажува дека се случуваат сукцесивно секој ден со оваа влада.
Слично и со комплицираните односи со Бугарија и француско-европскиот предлог односно договорот за добрососедство и соработка. Имено, после конфузната и самоконтрадикторна изборна кампања во која едни од мицковистичко дпмне императивно тврдеа дека уставни промени по бугарски диктат нема да се случат, а други дека може да се случат но да имаат одложено важење (sic!), а трети дека ќе го репреговарале договорот, за кратко време се соочија со свирепата реалност на геополитиката (светот никогаш не бил место како малиот Ѓокица го замислува светот) – консензуално одбивање на било каква можност за репреговарање од страна на сите битни политички и други структури во Бугарија. За работата да биде уште полоша по нас, за тој нивен цврст став добија експлицитна поддршка и од ЕУ и САД, така што сега, заради несериозната, аматерска и лицемерна политичка игра на мицковистичко дпмне, нема шанси да се смени ниту една запирка од договорот, а камоли нешто суштинско. И уште и уште полошо, сега дури и протоколите, кои претходно беа релативизирани и имаше интенција да останат надвор од преговарачкиот процес со ЕУ, сосема сигурно сега, токму заради мицковистичко ДПМНЕ (да се знае кој е виновникот, нели) ќе бидат дури и прв услов за ЕУ интеграциите на Македонија. Аирлија нека ни е, да кажеме сеирџиски, заради мицињата сега ќе мора и Гоце Делчев да го пишеме Бугарин, ако некогаш бидеме дел од ЕУ. Ете, тоа е резултатот на владата на дпмне мицковистичко, нивниот ефтин популизам и демагогија. Само уште една анегдота овде може да биде онаа изјава на Премиерот, за која не може со сигурност да се утврди дали е од незнаење или е свесно лажење. Имено, тој, премиерот Мицкоски (како тоа чудно звучи!) некаде од Америка вели, при вообичаените посети на некој Универзитет таму, нешто кое и Заев го практикуваше, дека „никој не и гарантира на државата дека Софија нема да има други барања по уставните измени (читај Бугари во Устав). Ајде мајката, што велеше Заев – па сите високи претставнии на ЕУ и САД токму тоа го рекоа, а последно Олаф Шолц – дека нема други услови и барања освен преговарачката рамка односно ЕУ-францускиот предлог. Земи или остави, со забелешка дека и фамозните протоколи можат да бидат во преговарачката рамка – а, сега ќе бидат, токму по вина на дпмне мицковистичко.
Конечно, и во врска со третата голема тема дојде до потполн израз политичкото лицемерие на дпмне мицковистичко, кое исто така веќе има и допрва ќе има тешки последици по државата. Станува збор за анти-ДУИ реториката и коалицијата со Влен, едно шаренолико и питорескно друштво, сосе фактот дека таа нивна соработка беше долгогодишна – ако се сеќавате, одамна Мицкоски го предлагаше Африм Гаши за премиер. Но, како што белким сите видоа, набрзо се случи албанско знаме во влада на интерни состаноци на министрите на Влен, најава од Касами дека ќе се интонира албанската химна во училиштата во општина Тетово (таа изјава, секако, не ја пренесоа од моќната пропагандна машинерија на владата т.е. мицковистичо дПМНЕ), и се случи – најава за нов закон за балансерот, наместо негово укинување, како што беше ветувано во предизборната кампања на „Комитите и Војводите“ ем патриоти од ДПМНЕ мицковистичко. Имено, сега со закон (!) ќе биде воведена процентуалната застапеност на Албанците, Македонците, Србите, Ромите итн. во јавната и државна администрација, не само со обична компјутерска програма наречена балансер. Разликата е огромна. За тоа време, испровоцирани од уличарскиот речник и провокации на дпмне мицковистичко, ДУИ ги разбуди сеништата на војната од 2001 година. Како ќе заврши тоа не сакам да напишам бидејќи не сакам да плашам луѓе. Супсумирано – за името неповратно ја уништија шансата за враќање, на Влен им дадоа се, Бугарите и Грците ќе не блокираат завек за ЕУ додека не се согласиме дека Гоце Делчев и другите Македонски херои не биле Бугари. Пежоративно, дпмне мицковистичко не донесе во луз-луз ситуација (губитничко-губитничка). Ете „комитите и војводите“ од мицковистичко дпмне до кое дереџе не донесоа!
Социо-психолошка плаузибилна анализа констатира дека интелигенцијата на просечниот психолошки профил на оние кои гласаа за „горда Македонија“ а веќе речиси следниот ден неговите избраници не ја вадат „северна“ од уста, и „твоја Македонија“ а речиси следниот ден Касами најавува интонирање на албанската химна во училишта, веројатно инклинира накај умерена политичка ретардација во симбиоза со клиентелистички профитеризам. Маката за нормалните луѓе е што покрај сувото гори и сировото, како што кажале нашите стари, па затоа „горењето“ сепак мора да се спречи, без оглед на тоа дека некои и не заслужуваат да бидат спасени – сепак, за жал, нема начин само тие да ги трпат последиците од нивниот избор. И, како по обичај кога станува збор за мицињата, работата спонтано прво наведува на потсмев и подбишега, но додека беа во опозиција – за жал, сеуште се власт и веќе не е смешно туку трагично. И овде доаѓа до израз неписменоста на таквиот просечен профил на гласач на мицињата – тие неможат да направат ниту елементарна дистинкција помеѓу извештачени прес-конференции, митинзи и приглупи памфлети од крајно одговорната позиција на власт во демократска држава. Времињата кога освен сеир и подбишега немаше други реални последици од нивното делување и политичко бладање заврши – сега сме сите најдиректно подложни на политички припростото практикување на власта.
А тоа, како што беше погоре аргументирано, е толку реално опасно, што ако биде оставено самото во својот маѓепсан круг на инфантилно нарцисоидно фантазирање, одлепено од балканската реалност и крајно симптоматично имагинарно пренесено во посакувана скандинавска реалност како што кажа нивниот лидер а наш премиер(!), брзо ќе доведе до спирала на инфлација, економски санкции, меѓународно-балканска изолација, архипелаг гулаг, меѓунационални тензии и скраја да е конфликти. Вака како што започнаа, ни истекува времето за нормализација на системот и светот на животот. Оваа влада мора уште денес да падне, за доброто на народот. Со секој изминат ден со овие од мицковистичо ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН на власт неповратно се уништуваат највисоките национални интереси на македонскиот народ и сите граѓани во оваа држава.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот