Остри реакции во Србија на можноста за доаѓање 100.000 работници од Африка, власта негира

Додека власта демантира дека постои каков било формален договор со Гана, опозицијата предупредува дека државата, наместо да ги задржи младите, гледа решение во масовен увоз на работна сила.

од desk2
24 прегледи

Веста дека Србија би можела да издаде до 100.000 работни дозволи за државјани на Гана, предизвика остри реакции во српската јавност и во политичкиот живот, пишува clix.ba

Додека власта демантира дека постои каков било формален договор со Гана, опозицијата предупредува дека државата, наместо да ги задржи младите, гледа решение во масовен увоз на работна сила.

Марко Ѓуриќ, министерот за надворешни работи на Србија, вели дека тврдењата за договор со Гана се „целосна измислица“ и „уште една манипулација со цел предизвикување тензии во општеството“. Ѓуриќ вели и дека станува збор за „злонамерно толкување“ на изјавата на Самуел Окуџета Аблакве, министер за надворешни работи на Гана, и истакнува дека Србија со Гана развива пријателски и корисни односи, но дека не е постигнат никаков конкретен договор за масовен увоз на работници.

Но во Гана приказната е поинаква. Тамошните медиуми пренесуваат дека преговорите со Србија се во поодмината фаза и дека се очекува потпишување меморандум за соработка со кој би се отворил патот на младите од Гана да работат во Србија. Според Аблакве, Гана се надева дека ќе добие значаен дел од планираните 100.000 дозволи за работа што Србија планира да ги издаде оваа година.

Опозициските партии реагираа остро. Партијата „Србија Центар“ (SRCE)  потсети дека според официјалните статистики, Србија секоја година ја напуштаат по 27.000 луѓе – главно млади и учени – и дека власта не нуди системски решенија за спречување на овој тренд.

Сличен став има и Немања Шаровиќ, водач на движењето „Љубов, вера, надеж“, кој на социјалните мрежи напиша:

„Додека младите Срби заминуваат во потрага по нормален живот, власта решението за недостигот на работна сила го гледа во увоз од Гана. Наместо да понуди достоинствени услови на сопствениот народ, власта склопува договори со африкански држави за да ги крпи дупките во пазарот на трудот“.

Слични содржини