Осуденикот во бегство, Африм Исмаиловиќ кој е осуден на доживотна казна затвор за случајот „Монструм“, вчера е уапсен при учество во сообраќајна незгода во Приштина, а во рамки на косовската полиција бил идентификуван, по што е објавено дека се работи за македонски државјанин, објави денес порталот „Газета експрес“.
Како што пренесува МИА, откако бил идентификуван и откако Косово заклучило дека се работи за лице за кое има меѓународна потерница, надлежен обвинител му одредил притвор во времетраење од 48 часа.
„Апсењето се случи вчера во попладневните часови. Беше случајно, како последица на сообраќајна несреќа. Откако беше повикан во полициска станица за интервју, според процедурите, полициските службеници проверија дали истиот се бара за некое друго кривично дело и им се појавила потерница од 2012/2013 година издадена од Македонија, изјави адвокатот на Исмаиловиќ.
Според него, приведувањето е незаконско, затоа што за истото кривично дело неговиот клиент бил осуден порано и ослободен, додека моментно чекал да завршат процедурите во однос на неговото брање за азил во Косово.
– Вчера го информирав и обвинителот дека се работи за незаконско апсење. Дознав дека предметот од Основното е префрлено во Специјалното обвинителство. (…) Врз основа на оваа потерница порано Исмајловиќ и еден друг граѓанин беа уапсени во Косово, беа приведени, им се судеше и Основниот суд во Приштина, како и Апелација, ја одбија екстрадикцијата. Од тогаш Исмајловиќ беше слободен во Косово и им подлегна на процедурите за засолнување и азил. Полицаецот бил неинформиран за процедурите на екстрадикција и го известил обвинителот, изјави Бериша.
Официјални извори од Полицијата на Косово, со писмен одговор до „Газета експрес“, ја потврдија информацијата за приведувањето и притворањето на Исмајловиќ.