Министерството за здравство информира дека денеска уште осум пациенти од повредените во трагедијата во Кочани се враќаат од лекување, од кои пет од Турција, двајца од Бугарија и еден од Словенија. На лекување во странство остануваат уште 18 пациенти.
Согласно протоколот, пет пациенти ќе бидат под опсервација во ГОБ „8 Септември“, двајца на Клиника за пластична хирургија и еден пациент во Хируршка клиника „Св. Наум Охридски“.
Дел од повредените, кои изминатиот период се вратија во земјава, веќе започнаа процес на рехабилитација во Општата болница во Кочани, кои во зависност од повредите се третираат на одделенијата за неврологија, хирургија и физикална терапија.
Министерството за здравство континуирано ја следи состојбата со повредените пациенти, со цел обезбедување најдобар можен третман, како и натамошна рехабилитација.
На 16 март, 59 претежно млади луѓе загинаа на самото место во пожарот во дискотеката во Кочани, додека тројца пациенти подоцна им подлегнаа на повредите. Во пожарот беа повредени нешто помалку од 200 луѓе.