Наградата „Антево перо” се доделува како исклучително признание за необјавен поетски ракопис на македонски јазик, а ја доделува Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски АНТЕВО ПЕРО, како организатор на мeѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо”.
На својот втор состанок, жири-комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), како поетски книги кои се издвојуваат по својот квалитет ги селектираше следните 8 збирки: Мимоза Рајл – „Кој ги пали сите ѕвезди”, ЕмељТуна–„Пу, пу не важи”, Анета Велкоска Ода – „Каде се пресоблекува непостојаниот збор”,Оливера Андоноска – „Ние сме Ева”, Владо Поповски – „Под некое друго небо”, Владо Јаневски – „Молкозбор”, Шифра: Живот во засек – „Женопојки, митопојки” и Кирил Ангелов – „Твоја, Таговина”. Редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.
Во потесен избор за наградата „Антев часовник”, која се доделува со цел откривање и афирмација на нови млади талентирани поети кои творат на македонски јазик и е потстрек за нивното творештво, стручната комисија ги номинираше следните 5 збирки: Ива Шајноска – „Збирка”, Вероника Димоска – „Омеѓување”, Костадин Узунов – „Гравитација кон Индомина”, Софија Тодороска – „Првото утро на цутарот” и Николина Савеска – „Патот кон себе”. И во овој случај, редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.
Во следното соопштение, жири комисијата ќе ги соопшти добитниците на наградите „Антево перо”, „Антев златник” и „Антев часовник”, кои традиционално се доделуваат во чест на македонскиот поетски великан Анте Поповски.