Осумдневен притвор за битолскиот хирург осомничен за примање мито

од Nikola Popovski
49 прегледи

На барање на Јавното Обвинителство Битола определен е притвор од осум дена за хиругот М. С. (64) кој се сомничи дека сторил кривично дело „примање поткуп“ по член 357 од Кривичниот законик, односно дека по завршен хируршки зафат побарал и примил поткуп од лице од битолско.

М.С. беше уапсен поради примање мито во битолската Клиничка болница, случај регистриран од СВР Битола на 28 јануари во просториите на болницата во Битола. Докторот извршил интервенција, а потоа индиректно, преку сведок, побарал од синот на пациентката да му даде 150 евра за да се почастел за извршената работа. Кај него биле пронајдени и одземени парите, кои претходно биле обележани.

Министерот за здравство, Арбен Таравари смета дека Лекарската комора треба да му ја одземе лиценцата, доколку се докаже обвинението, но, како што вели, тоа е прашање за претседателот на ЛК.

-Постои мито – тоа е непобитен факт, меѓутоа колку е тоа, треба да се докаже и да има судска пресуда. Ги охрабрувам сите кои ќе имаат факти, да ги донесат кај нас, во МВР или кај раководителите на клиниките, изјави министерот.

На новинарско прашање дали треба јавно да бидат имињата на докторите кои бараат мито, Таравари вели дека постои презумција на невиност и дека „не се судии ниту полиција“.

Слични содржини