Осумдневен притвор за лицето што го скрши стаклото на Бугарската амбасада

Според наводите на обвинителството, осомничениот на 11 јануари, мотивиран од омраза, со камен го скршил стаклото на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, по што веднаш побегнал

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: МНР на Бугарија

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 55-годишно лице под сомнение за кривично дело – Оштетување туѓи предмети од член 243 став 2 од Кривичниот законик.

Според наводите на обвинителството, осомничениот на 11 јануари, мотивиран од омраза, со камен го скршил стаклото на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, по што веднаш побегнал.

Судија на претходна постапка го прифати предлогот на јавниот обвинител и му одреди мерка притвор во траење од 8 дена. Ваквата одлука е донесена поради постоење на околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и оправдан страв дека лицето може да го повтори кривичното дело.

Настанот се случи во неделата, а следниот ден од Министерството за внатрешни работи соопштија дека полициски службеници од ЕВР Центар и Бит-пазар околу 12:40 часот на улицата „Кирил и Методиј“ во Скопје од слобода го лишиле Ш. А. (54), поради оштетувањето на стаклото на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.

Слични содржини