„Отчет како настан за аплауз, наместо момент за одговорност“: Што сработе градоначалникот Ѓорѓиевски во првите 100 дена од мандатот?

100 дена од мандатот на Орце: „Градот се уште пренатрупан со ѓубре, градскиот превоз и понатаму нефункционален, нови автобуси нема ни на повидок“

од Nikola Popovski
73 прегледи Фото: Фејсбук/Орце Ѓорѓиевски

Јавен градски превоз, чистота на градот, мерки против загаден воздух, работа на улици и булевари…Вечерва се очекува градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски да го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од неговиот мандат. Од Град Скопје информираат дека на настанот ќе бидат презентирани реализираните проекти, тековните активности и приоритетите во насока на развој и модернизација на градот.

Во јавноста се поделени мислењата дали главниот град претрпе битни промени со новата локална администрација. Дел од главните инволвирани кои се дел од Советот на Град Скопје не се согласуваат со констатацијата дека Скопје доживува „ренесанса“. Според координаторката на советничката група на Левица во Град Скопје, Катерина Јовановска, можеби од агресивниот ПР на Ѓорѓиевски се добива впечаток дека многу работи се направени, но советничката потенцира дека искрено не може да се сложи со тоа.

-Градот се уште е пренатрупан со ѓубре, градскиот превоз се уште е нефункционален, нови автобуси нема ни на повидок. Значи двата најголеми проблеми на скопјани, градската чистота и јавниот превоз не се решени, па затоа ќе речам дека Скопје доби нова градска власт, но старите проблемите останаа. Иритира незаинтересираноста на градоначалникот Ѓорѓиевски и на Владата за решавање на проблемот со јавниот градски превоз и кои веќе две години ветуваат нови автобуси,  но очигледно за нив ќе треба уште да почекаме, додава Јовановска.

Катерина Јовановска/Фото: Фејсбук

Според неа, не смееме да заборавиме дека, како што вели, токму советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ три години ја блокираа набавката на нови еко автобуси,  а сега иако ја имаат и централната и локалната власт, автобуси повторно нема. Но, затоа, потенцира советничката од Левица, новиот градоначалник само што стапи на функцијата експресно ги исплати долговите кон приватните превозници.

-Тоа е голем показател за тоа кои се приоритетите на новата градска власт и можеби го дава одговорот зошто се уште немаме нови автобуси, нагласува Јовановска.

Наместо прес-конференција пред новинари, градоначалникот ќе прави свечен отчет во салата на македонска Филхармонија која може да прими околу 1000 луѓе. Ниту еден од неговите претходници немаше вакви свечености, при што сите својот отчет го имаа на прес-конференција пред поканети медиумски куќи кои во текот на излагањето или после пресот поставувале новинарски прашања. Соговорничката од Левица оценува дека е предрамаично за сто дена отчет да се организира цела свеченост, дотолку повеќе што реално животот на граѓаните во Скопје и не се смени воопшто во изминатите сто дена.

-Но, исто како и за Владата,  така и за градоначалникот Ѓорѓиевски поважно е да се вети нешто, да се направи добар ПР за тоа, а потоа кога ќе ги повикаме за реализација ќе најдат изговори зошто не е сработено: или тендерот пропаднал или немаат надлежност или законот треба да се менува… Она што на сите ни е јасно е дека со ДПМНЕ на власт граѓаните живеат само со празни ветувања за подобро утре, додека во реалноста ништо значајно не се менува, нагласува Јовановска.

Сто дена се доволни да се види разликата меѓу ветувањата и реалноста, сметаат и другите советници во Градскиот совет. Според координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата, Катерина Цаневска, во кампањата беа ветувани брзи и видливи решенија за хаосот со сметот, реорганизација на јавните претпријатија, расчистување на дивите депонии, поголема контрола врз урбанистичкиот неред, функционален јавен превоз и поголема транспарентност во работењето на Градот. Тврди дека дел од овие ветувања беа претставени како приоритети што ќе започнат „веднаш“.

Цаневска во разговор за „Локално“ вели дека по сто дена, граѓаните сè уште се соочуваат со истиот проблем.

-Сметот се уште загадува и смрди во повеќе населби и се уште не се гледа јасна стратегија за долгорочно решение. Ветувањето- „Ќе го исчистиме Скопје за 72 часа“ беше изгледа само добар, но гол ПР. Се собра цела механизација од секаде за сликање и сега повторно гледаме преполни канти. Да, треба и скопјани да ги сменат лошите навики и да се однесуваат со ист агшин како кога се во друга држава, но треба и да се постават нови контејнери и канти ако овие не се доволни.

Нема видлива реформа во јавните претпријатија, ниту отчет за конкретни рокови и финансиски импликации, но ајде да видиме што ќе направат новите раководства. Продолжи старата пракса на вработувања на „свои“, дури и 117 в.д. членови на Управни и надзорни одбори, послушно си ги изгласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, без гласови од опозицијата бидејќи не ги добивме биографиите, а требаше на градоначалникот да му веруваме дека тој ги знаел. Вака не се гради доверба, констатира Цаневска.

Катерина Цаневска/Фото: СДСМ

Советничката посочува дека урбанистичките проблеми остануваат, а јавноста нема целосна слика за тоа што е запрено, што е ревидирано и што продолжува по старо. Наместо системски чекори, доминираат најави и поединечни активности без јасна рамка и мерлив ефект.

Во однос на загадениот воздух, според зборовите на Цаневска, Скопје и годинава се гуши, а скопјани дишат отров.

-Проблемот со Усје и другите загадувачи, греењето, дотраениот возен парк бара итно решение, а не голи ветувања и да лекаме ветер или дожд. Ние остануваме на ставот дека ќе поддржиме се што е во интерес на градот, но остро ќе реагираме на правење маркетинг со градот и лоши решенија кои полнат нечии џебови.

Проблемот со бездомните кучиња не само што останува, туку и се влоши. Со одвојување средства и избор на членови во Управниот и надзорниот одбор на Лајка не се реши ништо. Скопјани се жалат на цели глутници кучиња, кои се агресивни и напаѓаат и тоа во цел град. Проблемот е голем и треба системско решавање.

За јавниот градски превоз и нови еколошки абтобуси, исто имаме само ветувања, прво беше март, па сега крајот на годината, а знаеме како одат јавните набавки и колку време ќе треба, анализира Цаневска за состојбите во градот и однос на актуелната локална власт.

Соговорничката се надева дека добрите проекти кои поради инаетот на релација Данела-ВМРО-ДПМНЕ беа закочени од советниците на ВМРО-ДМНЕ ќе се завршат, бидејќи интересот на скопјани, а не партиските надмудрувања треба да се приоритет.

„Ми пречи кога во салата градоначалникот ќе рече: „Јас ја добив довербата и одговорноста има име и презиме – Орце Ѓорѓиевски“. И ние сме избрани и одговараме пред граѓаните. Суетите мора да се тргнат на страни, децидна е Цаневска.

Дополнително, додава дека наместо отчетот да се одржи како отворена прес-конференција со новинарски прашања, избран е свечен формат во Македонска филхармонија со публика од околу илјада луѓе. За советничката тоа остава впечаток дека приоритет е сценографијата, а не отчетноста.

-Првите сто дена не се јубилеј, туку проверка на кредибилитетот и досега сработеното. Транспарентноста подразбира дијалог и подготвеност и за непријатни прашања, а не сценографија. Отчетот не треба да биде настан за аплауз, туку момент за одговорност. Ако резултатите не се гледаат на улица, тогаш ни најголемата сала не може да ја пополни празнината меѓу ветеното и реализираното, заклучува координаторката на советничката група на СДСМ.

Фото: Локално

Вчера Ѓорѓиевски информира очекува дел од автобусите што ги најави Владата да стигнат до средината на оваа година. Тој побара од граѓаните да бидат трпеливи затоа што е само 100 дена градоначалник, а не 100 месеци, посочувајќи дека нема магично стапче, но дека дава сѐ од себе. Притоа наброја што преземал поврзано со јавниот превоз, вклучително и исплата на 72 милиони денари од долгот кон приватните превозници и поправката на 30-те расипани автобуси на ЈСП.

Стари, недоволени по број и неисправни. Состојбата со автобусите на ЈСП  е аларматно загрижувачка, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Претпријатието располага со 341 автобус, но иако 185 се технички исправни, на улиците секојдневно сообраќаат само 157. Во 2015 година граѓаните имале на располагање 316 автобуси дневно, а денес таа бројка е за околу 40 проценти помала. Истражувањето покажува и драстичен пад на корисниците на јавен превоз. Ако во 2015-та се возеле по 52 милиони патници годишно, сега бројот на превезени патници е сведен само на 22 милиони годишно.