Музичарот Владо Георгиев во моментов се води како „закана за националната и внатрешната безбедност на Црна Гора“, поради што тој денес беше вратен од границата и му е забранет влез во својата татковина. Тој за „Нова.рс“ изјави дека верува оти ова е дело на ДПС, владејачката партија на Мило Ѓукановиќ.

„Ова е дело на ДПС, очигледно. Тие ја приватизираа полицијата и ова е нивен очаен потег и угнетување, тие не бираат средства или момент, за нив секој што не мисли како нив е закана и очигледно ги загрозува. Веќе го испратив решението кое го добив на моите адвокати, кои секако внимателно ќе разгледаат со кое право овде се повикува полициската администрација и зошто имам третман на криминалец кога не сум“, изјави Георгиев за „Нова.рс“ и додаде:
„Да ви кажам право, најмногу ми е жал што не успеав да влезам во болница и да ја видам мајка ми, поради што и отидов во Црна Гора, но се надевам дека наскоро ќе можам да влезам како нормален граѓанин, можеби следната недела. Мислам дека ова е директна порака од ДПС, дека Србите кои јавно го истакнуваат својот идентитет не се добредојдени во Црна Гора“.
Забраната доаѓа само неколку дена откако познатиот пејач-текстописец од Херцег Нови ги повика граѓаните да гласаат за црногорската опозиција на изборите на 30 август, објавувајќи на својот профил на Инстаграм дека граѓаните треба „да го кренат својот глас, да бидат храбри и да размислуваат за иднината“.