Движењето БЕСА на Билал Касами е против владината одлуката општините да немаат право да основаат Јавни претпријатија за јавно осветлување, со што, како што велат од ова партија, се ризикува општините и граѓаните да останат без јавно осветлување.
– Крајно сме револтирани од неодамнешната одлука на Владата на Северна Македонија со која им се забранува на општините да основаат јавни претпријатија за јавно осветлување со што ризикува општините и граѓаните да останат без јавно осветлување. Оценуваме дека оваа одлука е политичка со која се оневозможува општините кои се предводени од опозицијата да управуваат со јавното осветлување ефикасно и во служба на граѓаните. Со оглед на фактот дека таксата за јавно осветлување што ја плаќаат граѓаните е фиксна, општините не можат да ги покријат трошоците за струја доколку ги принудат да обезбедат струја на слободен пазар каде цените секој ден растат, изјави Блерим Сејдиу – градоначалник на Желино од редовите на БЕСА.
Според него, ставот на власта дека општините ќе го злоупотребуваат формирањето на јавните претпријатија е многу тенденциозно.
– Многу добро познато дека „централната власт не само што потфрли со преземените мерки за ублажување на последиците од енергетската криза, туку со оваа одлука таа исто така се обидува да ги натера општините да ги спречат да не им служат на своите граѓани, нагласи Сејдиу.
Сакаме, додава тој, да ја потсетиме Владата дека општините предводени од Движењето Беса се едни од ретките општини кои не ја злоупотребиле електричната енергија, напротив ги презедовме сите неопходни мерки за справување со кризата.
– Сакаме да ја информирање јавноста дека Движењето Беса ќе ги информира сите надлежни институции и дипломатски претставништва за оваа политичка одлука на Владата, рече Сејдиу.
Инаку, пред неколку дена, Советот на општина Тетово ја поништи одлуката за основање на јавното претпријатие за производство на електрична енергија, продажба на електрична енергија, економизација и одржување на јавното осветлување што го формираше пред еден месец. Ова со образложение дека има законски пречки. Наместо тоа, Советот на општината изгласа предлог-одлука за основање на трговското друштво „Електро Тетово“. Според Општината, ова трговско друштво е формирано за поефикасно управување со електричната енергија во градот, особено во областа на јавното осветлување.
Со 17 гласа „за“ и 12 „воздржани“ советот гласаше за поништување на одлуката за основање јавно претпријатие за производство на електрична енергија, продажба на електрична енергија, заштеда и одржување на јавното осветлување, a nаместо претпријатието основи трговско друштво „Електро Тетово“. Со 16 гласа за и 14 против, советот го изгласа предлогот за основање на трговското друштво „Електро Тетово“.
Претседателот на Советот на општината рече дека оваа измена се прави откако не можеле да ја запишат фирмата во Централниот регистар, а сега само се претвора во акционерско друштво.
– Ќе биде во сопственост на општината, ќе произведува и одржува струја, ќе воведеме рестрикции на јавното осветлување, поради поскапувањето на струјата. За да не влијае на зголемувањето на сметките на граѓаните, ова го создаваме за да можеме да управуваме и да произведуваме струја и да го одржуваме јавното осветлување, изјави Дурмиши.
Во меѓувреме, за да се спречат злоупотреби и манипулации во обезбедувањето универзална услуга на пазарот на електрична енергија, Владата на Република Северна Македонија, со одлука донесена вчера на владината седница, им забранува на општините и на градот Скопје да основаат јавени претпријатија, друштва со ограничена одговорност или акционерско друштво за вршење дејност во интерес на јавни дејности – јавно осветлување, соопшти премиерот Димитар Ковачевски по владината седница.
Д.Ј.