Откриен англиско-францускиот мировен план, Европа ќе му го претстави на Трамп следната недела

од Nikola Popovski
147 прегледи

Британскиот премиер Кир Стармер ќе му претстави на Доналд Трамп план за испраќање нешто помалку од 30.000 европски војници во Украина за следење на договорот за прекин на огнот, на кој Русија би можела да се согласи, ексклузивно пишува британски „Телеграф“.

Се очекува британскиот премиер да го претстави планот веќе следната недела во Вашингтон.

Сепак, според западните претставници запознаени со планот, Стармер ќе побара од Трамп да ги стави американските борбени авиони и ракети на подготвеност во Источна Европа за да одговори силно на секое руско кршење на договорот за прекин на огнот.

Англиско-француската стратегија им била претставена на најмоќните европски лидери на вонредниот состанок во Париз претходно оваа недела како реакција на отворањето на мировните преговори на Трамп со Владимир Путин. Планот бил направен од страв дека Трамп може целосно да се дистанцира од Украина веднаш по потпишувањето на каков било договор.

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека целата одговорност за мировните операции во Украина ќе падне исклучиво на Европа и Канада. Премиерот Стармер вети дека ќе дејствува како „мост“ меѓу Вашингтон и Европа, бидејќи и европските сојузници и Киев се чини дека се исклучени од мировните иницијативи на Трамп. Кир ќе го изнесе аргументот дека е во интерес на Америка да остане вклучена во спречувањето на Русија да ја нападне Украина по трет пат по завршувањето на борбите.

Што точно подразбира англиско-францускиот план за Украина?

Според англо-францускиот план, помалку од 30.000 европски војници ќе бидат распоредени во украинските градови, пристаништа и клучната инфраструктура, како што се нуклеарните централи, далеку од сегашните боишта.

Наместо да стационира многу поголем контингент во земјата разорена од војна, мисијата ќе се потпира на „технички надзор“, вклучувајќи разузнавачки, извидувачки и набљудувачки авиони, беспилотни летала и сателити за да се обезбеди „целосен преглед на ситуацијата“, рече еден западен официјален претставник. Операцијата ќе биде поддржана со доволна огнена моќ за „следење и неутрализирање на нападот“, додаде истиот извор, со цел повторно да се отвори украинскиот воздушен простор и да се дозволат комерцијални летови.

Бродови ќе патролираат по Црното Море

Поморски патролни бродови, исто така, ќе бидат испратени во Црното Море за да ги следат руските закани за трговските бродски рути.

Планот наведен од западните официјални лица е многу помалку од 200.000 војници што ги побара украинскиот претседател Володимир Зеленски како услов за потпишување мировен договор. Сепак, поради противењето на Германија, Шпанија и Италија за испраќање копнени сили, европските опции за обезбедување на иднината на Украина изгледаат ограничени.

По состанокот во Париз, британскиот премиер изјави дека за таква операција ќе биде потребна „американска заштита“ за да се одврати Русија од повторно напад.

„Поентата на заштитниот механизам би била да се осигура дека силите што се распоредени нема да бидат оспорени од Русија“, рекол еден западен функционер.

Тој заштитен механизам може да ги вклучи американските борбени воздушни сили стационирани во Романија и Полска, подготвени да одговорат на секоја идна руска агресија. Исто така, поголеми мултинационални копнени сили би можеле да бидат базирани долж источните граници на НАТО, со цел да се прераспоредат и заштитат европските трупи внатре во Украина доколку е потребно.

НАТО разговара за клаузула за заемна одбрана

Стратегијата ја почитува и долгогодишната политика на НАТО дека не смее директно да се соочи со руските сили за поддршка на Украина. Се надеваат дека Трамп ќе го прифати заштитниот механизам бидејќи тоа би значело дека американските трупи нема да бидат распоредени во Украина по војната.

Европски функционер изјавил за британски „Телеграф“ дека НАТО треба да отвори и дискусија за Членот 5 од својот договор за заемна одбрана, кој предвидува дека нападот врз една членка е напад врз сите. Иако клаузулата не се очекува да ги опфати европските војници стационирани во Украина, некои земји ќе инсистираат на тоа дека заштитата останува на сила доколку Москва одлучи да ја нападне нивната територија поради распоредувањето на силите.

Во средата, Зеленски се судри со Трамп откако американскиот претседател ја обвини Украина за провокација на руската инвазија и утврди дека се потребни нови избори бидејќи Зеленски е „длабоко непопуларен“.

„За жал, претседателот Доналд Трамп, со сета почит кон него како лидер на нација што длабоко ја цениме, живее во информативна илузија“, одговори Зеленски.

Трамп потоа го нарече Зеленски „диктатор“ и му рече „подобро да побрза или може да остане без држава“.

Слични содржини