Објавен идентитетот на лицето кое синоќа го загуби својот живот во вооружената престрелка во скопски Чаир. Се работи за 35-годишниот Хабиб Буњаку, син на Екрем Буњаку од партијата ДУИ кој осум години беше директор на Државната техничка инспекција. Во инцидентот учествувал и братот на Хебиб кој подоцна е уапсен од полицијата.
Пријателите на Хебиб веќе се простуваат од него на социјалните мрежи. Како што информираа од ГОБ „Св. Наум Охридски“, во здравствената уставнова биле донесени две лица, од кои едното починало. Повреденото лице со две прострелни рани е Аритон Далишта, кој е задржан на лекување, но е вон животна опасност.
Основното јавно обвинителство Скопје информира дека веќе обезбеди докази во врска со синоќешната престрелка. Обезбедени се и се прегледуваат снимки од камери за видеонадзор. Исто така, издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а се работи на целосно испитување на настанот и утврдување на причините, велат од Обвинителството.
Причината за престрелката било недоразбирање во сообраќајот.
-На 10.02.2025 околу 23.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на паркинг простор на подрачјето на Чаир, поради претходно недоразбирање во сообраќајот, настанала расправија помеѓу две групи, при што било употребено огнено оружје. Неколку минути после полноќ, поточно во 00.06 часот, од Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени Х.Б.(35) и А.Д.(35), двајцата од Скопје, и дека подоцна Х.Б. починал, а над А.Д. била извршена интервенција и бил задржан на лекување. Поради повреди од огнено оружје, во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ бил пренесен и Н.Д. од Скопје. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција, информираат од МВР.