Откриен редоследот за настап на Евровизија: Хрватска, Словенија и Србија во исто полуфинале

од Nikola Popovski
273 прегледи

Уште нешто повеќе од 100 дена остануваат до новото издание на Евровизија во Малме, Шведска, а традиционалната ждрепка за редоследот на настапи вечерва се одржа во градот домаќин. Македонија втора година по ред нема да учествува на изборот. Причината, како и минатата година, била од економска природа, но и поради тоа што оваа година јавниот сервис требало да се фокусира на одбележување на 80-годишен јубилеј од постоењето на Македонското Радио и 60 години јубилеј од постоењето на Македонската телевизија.

Како течеше ждрепката?

Земјите учеснички на 68-то издание на Евровизија биле поделени во неколку различни садови, за што повеќе да се избегне гласањето од соседите. Во првиот сад се најдоа Албанија, Австрија, Швајцарија, Хрватска, Србија и Словенија (исто како и лани). Во вториот Данска, Австралија, Финска, Исланд, Норвешка, Шведска и Естонија. Во третиот Ерменија, Азербејџан, Грузија, Израел, Летонија, Литванија и Украина. Во четвртиот беа Кипар, Грција, Ирска, Малта, Португалија и Сан Марино, а во петтиот Белгија, Чешка, Холандија, Молдавија, Полска и Луксембург.

Прва полуфинална вечер, 7 мај 2024 година

Во првата половина од првата полуфинална вечер ќе настапат Украина, Кипар, Полска, Србија, Литванија, Хрватска и Ирска. Во втората ќе се натпреваруваат Словенија, Исланд, Португалија, Луксембург, Азербејџан и Молдавија. Во полуфиналните вечери ќе може да гласаат и Шведска, Велика Британија и Германија.

Втора полуфинална вечер, 9 мај

Во првата половина од втората полуфинална вечер ќе настапат Австрија, Малта, Швајцарија, Грција, Чешка, Албанија, Данска и Ерменија, додека во втората ќе може да ги очекуваме настапите на Израел, Естонија, Грузија, Холандија, Норвешка, Латвија, Сан Марино и Белгија. На Шпанија, Италија и Франција ќе им биде дозволено да гласаат и во полуфиналните вечери.

Патот до финалето

Десетте најдобри земји од секоја прелиминарна рунда ќе се пласираат во финалето, кое ќе се одржи на 11 мај во Малме. Во големото финале ќе слушнеме вкупно 26 најдобри песни, бидејќи Германија, Франција, Италија, Шпанија, Велика Британија (како големата петорка) и Шведска (како минатогодишен победник) веќе имаат загарантирано место во големото финале.

Слични содржини