Откриен таен план на Москва: Планирале лажен атентат врз Орбан

Русија разгледувала сценарио за атентат пред унгарските избори, со цел поддршка за Орбан

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Руската служба за надворешно разузнавање (SVR) наводно разгледувала планови за влијание врз изборите во Унгарија, вклучително и организирање атентат врз премиерот Виктор Орбан, со цел да се зајакне поддршката за Орбан, покажува интерен документ до кој дошле европските безбедносни служби, објави „Вашингтон пост“ (WP).

Пред парламентарните избори во Унгарија во април, eдиница на руската SVR минатиот месец изрази загриженост поради падот на поддршката за Орбан.

Во интерен извештај на SVR, оперативците предложиле драстични мерки наречени „пресвртница“, вклучително и можноста за „организирање обид за атентат врз Виктор Орбан“ со цел „фундаментално да се промени парадигмата на изборната кампања“, наведува „WP“.

Како што пишува еден угледен американски весник, таков инцидент би го префрлил фокусот на кампањата од социо-економските прашања на емоционални теми како што се безбедноста на државата и стабилноста на политичкиот систем.

Анкетите покажуваат дека Орбан заостанува зад лидерот на опозициската Тиса, Петер Маѓар, поранешен член на неговата партија Фидес.

Според европски безбедносни извори, руската поддршка за Орбан вклучува и кампањи на социјалните медиуми кои го претставуваат како единствен заштитник на суверенитетот на Унгарија. Одредени наративи беа дистрибуирани преку руски дипломати во Будимпешта, кои, како што е наведено, соработувале со провладини медиуми.

Документот на „SVR“, исто така, предлага стратегија Орбан да ја претстави својата влада како гарант на мирот и стабилноста, додека неговиот противник би бил прикажан како „кукла на Брисел“, пишува „WP“.

Во исто време, постојат индикации дека руски оперативци учествувале во кампањи за дискредитирање на опозициските кандидати, вклучително и ширење дезинформации и манипулирана содржина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли обвинувањата за таков план како дезинформации, додека СВР не го коментираше документот.

Изборната трка во Унгарија се смета за исклучително неизвесна, со растечки стравувања дека резултатите би можеле да бидат оспорени.

Покрај Русија, интерес за политичките настани во Унгарија покажуваат и САД. Американскиот државен секретар Марко Рубио ја посети Будимпешта минатиот месец, велејќи му на Орбан дека „неговиот успех е успех на САД“, додека се очекува да ја посети и потпретседателот Џ.Д. Венс.

Во меѓувреме, Орбан и неговата партија сè повеќе се обидуваат да го префрлат фокусот на јавноста од економските проблеми кон надворешните безбедносни закани. Тензиите се зголемија и во односите со Украина, со меѓусебни обвинувања и дипломатски мерки.

Унгарската влада дури најави и распоредување на армијата за заштита на енергетската инфраструктура, што дополнително ја зголеми нервозата во Будимпешта.

Парламентарните избори во Унгарија ќе се одржат во недела, на 12 април, а главни фаворити се актуелниот премиер Орбан и лидерот на опозицијата Маѓар.