Пол Погба (29) по втор пат во кариерата станува играч на Јувентус. Во двата наврати дојде во тој клуб како слободен играч од Манчестер Јунајтед. Тој се договори со Јуве за уште едно бесплатно доаѓање од „Олд Трафорд“, десет години откако го направи тоа за прв пат и шест години откако Јувентус го продаде на Јунајтед за тогаш рекордни 105 милиони евра.
Тој вчера ги помина медицинските прегледи и официјалното потпишување е прашање на време. Италијанскиот Corierre dello Sport го привлече вниманието на еден особено важен детаљ од оваа зделка, а кој ги воодушеви навивачите на Јувентус. Имено, Погба би требало да заработува околу 6,8 милиони фунти годишно или 160 илјади фунти неделно.
Тоа е речиси половина од платата што ја имаше на Театарот на соништата, каде беше еден од најплатените играчи во светот со 290.000 фунти неделно. Со тоа испадна од кругот на самата елита на светскиот фудбал по приходи од клуб.
Истиот извор наведува и дека Погба би можел да добие дополнителни 1,7 милиони фунти во зависност од бројот на натпревари и голови во дресот на „Старата дама“. Оваа вест ги воодушеви навивачите на Јувентус, кои сметаат дека Погба ја докажал својата лојалност кон дресот на клубот во кој ги одигра најдобрите натпревари во кариерата.