Откриени језиви детали на судењето на осомничениот за исчезнувањето на Медлин МекКен

од Stefanija Kuzmanovska
265 прегледи

Страшни детали можеле да се слушнат на судењето на Кристијан Брукнер (47), кој меѓу другото, е осомничен и во случајот со исчезнувањето на Медлин МекКен.

Брукнер е обвинет за три силувања и два сексуални напада, наводно извршени во португалски Алгарве меѓу 2000 и 2017 година. Нападите се случиле само неколку минути откако тригодишната Медлин исчезнала од станот во Праја да Луз во мај 2007 година, каде што престојувала со нејзините родители Кејт и Гери и браќата и сестрите.

Оттогаш таа не е видена, а во јуни 2020 година германската полиција го именуваше Брукнер како одговорен за нејзиното киднапирање и убиство, но тој сè уште не е обвинет за ништо поврзано со нејзиното исчезнување. Во судот биле прочитани шокантни детали за тоа како жртвата на Брукнер, Хејзел Бехан, која рече дека била нападната во 2004 година додека работела како туристички водич во Алгарве, се плашела дека нејзиниот напаѓач „ќе ѝ ја отсече главата“.

Двете други наводни силувања на неидентификувана жена на возраст меѓу 70 и 80 години и девојче (14), исто така биле опишани со страшни детали. Обвинителката Уте Линдеман пред судот изјавила дека Брукнер користел дрога за силување за да ги онеспособи своите жртви пред да ги држи во заробеништво во сопствената куќа.

Во понатамошните графички детали за нападот врз Хејзел, обвинителката рекла: „Тој отишол во спалната соба на Бехан и ја затекнал додека спие. Во тоа време тој бил облечен во црно, имал кожни ракавици и маска за целото лице. Маската имала само два кружни исечоци за очите и мал процеп за устата, така што жртвата можела да ги гледа само очите и веѓите на обвинетиот.

Во левата рака држел нож со сечило долг околу 30 сантиметри, клекнал над заспаната жртва и почнал да вика за да ја разбуди. Тој го држел ножот, така што жртвата јасно го видела кога се разбудила“.

Во својата воведна изјава, адвокатот на Брукнер навел  дека неговиот клиент бил жртва на неправедна медиумска кампања.

„Тој е под постојан медиумски оган ширум светот. Според јавното обвинителство во Брауншвајг, тој наводно ја киднапирал и убил Медлин Бет МекКен. Оваа теорија постојано ја повторуваат истражните органи за медиумите“, истакнал тој.

Инаку, постапката започна со тоа што обвинителката Уте Линдеман ги прочита петте обвиненија против Брукнер. Тој внимателно слушал додека го скенирал досието пред себе, запишувал белешки и повремено се вртел да му шепне нешто на својот адвокатски тим.

Претходно овој месец, Брукнер изјави за Mail Online дека случајот против него е „смешен“ и саркастично додаде: „Се надевам дека (тие) наскоро ќе најдат некои одговори на нивните прашања“.

Адвокатот на Брукнер рече дека неговиот клиент негира каква било вмешаност во исчезнувањето на Медлин и сегашните обвиненија и додаде дека Брукнер бил „под стрес“ поради тоа што бил во медиумите и во „лошо физичко здравје“.

Судењето не е поврзано со исчезнувањето на Медлин. Доколку биде прогласен за виновен, Брукнер би можел да го помине остатокот од својот живот во затвор, но тој инсистира дека ДНК и другите докази против него се погрешни и дека сведоците лажат за него. Судењето треба да трае до јуни.

Слични содржини