Директорот на рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), Кирил Дмитријев изјави дека „сегашниот договор“ потпишан со тој фонд од страна на српската влада предвидува снабдување на земјата со два милиони дози вакцина „Спутник V“.
„Станува збор за вакцина која се дава во две дози, што значи дека ќе биде доволно за да се имунизираат милион луѓе. Првата серија беше испорачана непосредно пред Нова година“, изјавил Дмитријев за српските медиуми.
Тој изјави дека е рано да се каже колку долго вакцината ќе штити од коронавирусот, но дека врз основа на експериментални податоци, се очекува „Спутник V“ да даде најмалку две години имунитет на Ковид-19.
Како што наведе, постојат два вида на руската вакцина – течна и лиофилизирана, погодна за транспорт до далечни тешко достапни места.
„Течна која треба да се чува на минус 18 Целзиусови степени и таканаречена лиофилизирана, што треба да се чува на температура од два до осум Целзиусови степени. Ова се споредува со температура од минус 70 степени Целзиусови, на која треба да се чуваат некои други вакцини“, изјавил Дмитријев.
Според него, лиофилизираната форма е развиена особено за транспорт на вакцини до оддалечени, тешко достапни места со ограничен пристап до современа медицинска инфраструктура.
Како што рече, од почетокот на програмата за масовна вакцинација во Русија во декември, повеќе од милион луѓе веќе се вакцинирани, а тој број треба значително да се зголеми во следните недели и месеци.
„Ако е предвидено вакцините да се донација, тоа ќе го почитуваме. Но за сите вакцини – дали од „Ковакс“ систем, дали од ЕУ, ние имаме буџетски средства да ги платиме. Што се однесува до руската вакцина „Спутник“ која исто така е во „Ковакс“ системот се очекува дел од неа да стигне и кај нас и дека има можност таа да пристигне пред вакцината „Модерна“, изјави премиерот Зоран Заев во неодамнешното интервју за дневникот на ТВ Сител.