Откриено поради што настана снежниот феномен „Ѕверот од исток“: „Природата е сложена“

од Stefanija Kuzmanovska

Северно ледениот океан, кој го губи замрзнатото покритие поради глобалното затоплување, директно придонесува за пообилни снежни врнежи во Европа, како на пример во 2018 година кога се случи ледениот бран наречен „Ѕверот од исток“, се вели во студијата објавена денес.

Тој бран, кој парализираше поголем дел од северна Европа во февруари и март 2018 година, ја чинеше над милијарда евра на ден Велика Британија.

Според една студија објавена во списанието Nature Geoscience, тие големи снежни бури биле директна последица на „ненормално топлите“ води во Баренцовото Море. Тоа море останало без ледена покривка на околу 60 отсто од неговата површина неколку недели пред тој феномен.

Тој леден бран во Велика Британија се нарекува „Ѕверот од исток“, во Шведска „Снежен топ“ и феномен „Москва-Париз“ во Франција.

Студијата заклучува дека Беренцовото море без мраз ќе биде главниот извор на влага за континентална Европа и ќе биде причина за обилни дождови или снежни врнежи, што ќе влијае на инфраструктурата и сообраќајот.

„Ова ќе значи нарушување во снабдувањето со храна, гориво и уништување на посевите“, предупредува студијата, додавајќи дека може да изгледа чудно што затоплувањето во Северно ледениот океан предизвикува повеќе снег во Европа.

„Сепак, природата е сложена и она што се случува на Арктикот не останува само на Арктикот“, пишува во студијата предводена од Хана Бејли од Универзитетот Улу во Финска.

Според пресметката на истражувачите, од тоа море испариле 140 гигатони вода, што произведе 88 отсто од влагата која падна како снег во Европа.

Слични содржини