Британскиот крал Чарлс Трети, кој се залага за штедливост, на крунисувањето на 6 мај ќе ја носи облеката која ја носеле неговите претходници, вклучувајќи предмети и облека кои им припаѓале на неговите родители.
Чарлс (74) ќе биде крунисан во Вестминстерската опатија, а за време на големата церемонија ќе носи кралска облека која ќе биде украсена со верски и историски симболи.
Многу од предметите кои Чарлс ќе ги носи, како што се круната и жезолот, се стари со векови, додека дел од облеката што ќе ја носи се појавиле на крунисување во 1821 година, соопшти Бакингемската палата, пренесе „Ројтерс“.
Меѓу облеката ќе има и специјални ракавици направени за неговиот дедо Џорџ Шести.
„Имаме голем, штедлив, внимателен крал кој попрво би користел нешто старо отколку да има нови ракавици“, рече Дебора Мур, извршен директор на „Дентс“, компанијата која ги направила златните ракавици за кралот Џорџ Шести за време на неговото крунисување во 1937 година.