Во последната деценија, летните температури значително се зголемија, поради што во Европа има зголемување на смртноста поврзана со топлина – a се проценува дека здравствените ризици предизвикани од топлотните бранови ќе продолжат да растат.
– Околу 60 проценти од нашето тело е вода која ја губиме по малку со потење, дури и со дишење, а доколку не ја компензираме, доаѓа до дехидрација – објасни докторот Дејвид Дела-Густина.
Заедно со жедта, вели тој, најочигледните симптоми на дехидрација се сува уста, гадење, вртоглавица и главоболки, а кога има недостаток на течност, урината ја менува бојата и станува потемна.
Колку брзо можеме да дехидрираме?
Најизложени на дехидрација се оние кои се занимаваат со разни активности на отворено, а според Дела-Густина, тие можат да дехидрираат за само 30 минути.
– За час или два, едно лице може да изгуби литар или два вода, а за дехидрација е доволно и помалку, па може да се појави по само 30 минути – вели Дела-Густина и забележува дека на ризик се најизложени малите деца, но и постари луѓе кај кои телото е потешко да се олади и кои често земаат разни лекови кои го забрзуваат процесот.
Како да се заштитите
Не излегувајте на топлина ако не морате и редовно пијте течности; секој час, вели Дела-Густина. Според него, потребите за течности варираат од личност до личност, а тој посочува дека при силна топлина сите треба да ја провериме бојата на урината и да реагираме доколку се затемни.
„Кога се чувствуваме жедни, веќе сме изгубиле еден до два проценти од телесната течност“, рекол докторот.
Ако забележите некој од знаците на дехидрација; потемна урина, гадење или вртоглавица; тој ве советува да се преместите некаде каде што има поголем проток на воздух (покрај клима уредот или вентилаторот), и многу е важно веднаш да пиете малку течност, по што ќе ја пиете на секои 15 минути.
Инаку, во такви ситуации, обичната вода не е најдобриот избор бидејќи е неопходно да се компензира шеќерот и натриумот поради губење на електролити.
– Ако се рехидрирате исклучиво со вода и не надополнувате електролити, всушност не си помагате себеси – вели докторот и објаснува дека енергетските пијалоци се најдобриот избор за дехидрација – или половина лажица сол и шест лажици шеќер во литар вода.