Отпечатоците на Љупчо Палевски-Палчо, главниот осомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, се испратени од Турција до нашето МВР, соопшти синоќа министерот за полиција, Оливер Спасовски.
Тој кажа дека Министерството може да ја прошири истрагата за двојното убиство за точно да се откријат мотивите на грозоморниот чин.
Тој појасни дека од Турција претходно било побарано да достави дактилоскопски податоци, папиларни линии и тие се доставени и ќе бидат предадени на јавното обвинителство.
Спасовки додаде дека се очекува наскоро да пристигне и материјалот за ДНК анализа преку меѓународна правна помош.
„Иако Македонија располага со биометриски податоци за секој граѓанин на државата, тоа е неопходно во ваквиот тек на постапката и од осомничениот Палевски, кој побегна во Турција“, истакна Спасовски.
Како што посочува, сите овие податоци се потребни за да се потврди вмешаноста на сите кои во моментов се осомничени и за кои се поднесени кривични пријави.
Се наведува и дека се анализираат околу 70 камери од кои се извлечени записи, кои се прегледуваат и доставуваат или се доставуваат до јавното обвинителство и се анализираат над 50 снимки направени по системот „Безбеден град“.
Малата Вања беше киднапирана на 27 ноември во влезот на нејзината зграда во Скопје, а истиот ден беше убиена. Нејзиното тело беше пронајдено на 3 декември во селото Бразде, во близина на главниот град .
За нејзиното киднапирање и убиство се осомничени пет лица, меѓу кои и нејзиниот татко, а главниот осомничен е уапсен во Турција, каде побегнал речиси една недела по убиството на девојчето, а пред да биде пронајдено нејзиното тело.