Отпуштени 371 вработен во „Комуналец“ кои примале плата, а не доаѓале на работа

„Лицата не доаѓале на работа или го злоупотребувале своето работно место. Во минатото се правеа драми дека се постапува, дека некој се брка, но во суштина се правела само замена“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски

од Nikola Popovski
45 прегледи Фото: Фејсбук

Новата градска администрација започна со чистење и во институциите. Синоќа градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски соопшти дека од ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ се отпуштени 371 работник кои, според утврдените податоци, со години примале плата без да се појавуваат на работа.

„Лицата не доаѓале на работа или го злоупотребувале своето работно место. Во минатото се правеа драми дека се постапува, дека некој се брка, но во суштина се правела само замена. Во овој систем, секој што врши злоупотреби, ќе биде отстранет“, изјави Ѓорѓиевски.

„Активностите за откривање на злоупотреби во јавните градски претпријатија ќе продолжат и во наредните денови“, рече Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека вечерва до него дошла информација за други злоупотреби, како што истакна, поткрепена со документи.

„Изминатиот период биле ангажирани возила за чистење во „Комунална хигиена“ и тие возила се плаќани на име на физички лица на име на интелектуални услуги, во износ од 5 до 10 илјади евра, така што повикувам да се вклучат институциите надлежни за ова и да ја испитаат работата. Јас најавив дека ќе има одговорност и ревизија и еве вечерва ве информирам дека имаме сериозни индиции за прекршување на законите, особено во „Комунална хигиена“, кажа градоначалникот.

Пред две години, претходната градоначалничка Данела Арсовска информираше дека во претпријатието има вработено 70-тина лица од две фамилии, а некои од нив воопшто не одат на работа и земаат плата. Според неа, дел од нив живееле и работеле во Германија, а исто така примале плата и од „Комуналец“.