Неколку лица поврзани со бранот труење на ученички се уапсени во пет ирански провинции, објави денеска новинската агенција „Фарс“.
Засега нема детални информации или позадина за осомничените, јавува агенцијата повикувајќи се на информации од Маџид Мирахмади, заменик министер за внатрешни работи.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи во понеделникот повика на строга казна за одговорните за труењата, кои ги нарече непростливо злосторство.
Првите случаи на мистериозно труење, кои се случија речиси исклучиво во училиштата за девојки, беа пријавени во ноември.
Иранската влада смета дека ученичките биле намерно отруени. Лекарите сугерираат дека причина за труењето може да биде некој вид отровен гас.
Родителите и роднините се револтирани и лути и делумно ја сметаат владата за одговорна што не ги заштитила нивните деца.
Иранските медиуми објавија дека има повеќе од 2.500 случаи на труење во училиштата.
Ова е резултат од анализата на извештаите што се појавија во иранските медиуми од ноември до почетокот на март.
Засега нема официјални податоци за вкупниот степен на труење.
Набљудувачите, исто така, претпоставуваат дека има голем број непријавени случаи.