Отворање дополнителни пунктови за тестирање во Куманово бара Општинскиот кризен штаб

од Vladimir Zorba

Отворање дополнителни пунктови за тестирање во Куманово бара Општинскиот кризен штаб на денешната 24-та седница. Штабот и наложи на Општина Куманово да го затвори временскиот пазар, паркот Соколана и да помогне во реорганизација на домот за стари лица „Зафир Сајто“.

-Бараме од Владата на Република Северна Македонија и Комисија за заразни болести да го задолжи Институтот за јавно здравје на дневна основа да доставува правовремено резултати за сите тестирани лица на КОВИД-19, за коишто претходно има уредно доставен примерок за тестирање од страна Центарот за јавно здравје Куманово. Воедно, бараме да се отворат дополнителни пунктови во Општина Куманово за тестирање на лица и тие се стават во функција, стои во соопштението на штабот.

Оттаму бараат од Владата да донесе уредба со која ќе се измени и дополни Законот за домување, со кој ќе ги задолжи станбените домари да вршат интензивна дезинфекција во зградите. Од штабот нагласуваат дека станбените домари ќе се вклучат во дезинфекцијата во период на вонредна состојба на колективните центри за домување и други објекти со кои склучиле договори за одржуавње на хигиената.

-Се задолжува Општината да направи реорганизација во работата на техничкиот и друг персонал во Дом за стари лица „Зафир Сајто“ – Куманово и по потреба да вклучи друг технички персонал од други јавни установи за потребите на Дом за стари лица „Зафир Сајто“ – Куманово, како би се обезбедило непречено работење, стои во соопштението.

Штабот им препорача на давателите на услугите, шпедиции, банки, АМСМ, други субјекти кои работат на Граничниот премин Табановце да го уредат начинот на работењето, согласно со уредбите и препораките на Владата, потенцирајќи го почитувањето на дистанцата, користењето заштитна опрема и деизнфекција на објектите. Штабот и препорача на општината да го затвори градскиот парк Соколана, а на граѓаните им препорачува да не ги користат детските и забавните паркови кои претходно се затворени и видно обележани дека не смеат да се користат.

Општинскиот кризен штаб ќе донесе одлука со која ќе се определат економски оператор/и – маркет/и од каде ќе се обезбедуваат само најнеопходните намирници, согласно приоритетните барања на граѓаните за време на забраната за движење на тероторија на Општина Куманово. Одлуката ќе се менува доколку се јават и други маркети, велат од штабот.

Слични содржини