Вечерва, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје, се отвора шестата по ред меѓународна изложба „Сè што ни е заедничко“. Кураторкa на изложбата е Јованка Попова.
Уметници чии дела ќе бидат изложени на поставка се: Дарко Алексовски (Македонија), Мерием Бенани (Мaроко/САД) и Ориан Барки (Израел/САД), Јакуп Фери (Косово/Холандија), Игор Грубиќ (Хрватска/Италија), Капвани Киванга (Канада /Франција), Илија Прокопиев (Македонија/Словенија), Зорица Зафировска (Македонија), Дриант Зенели (Албанија/Италија) и Лана Чмајчанин (Босна и Херцеговина/Австрија).
На самото отворање ќе присуствуваат уметниците Игор Грубиќ, Јакуп Фери, Дарко Алексовски и Зорица Зафировска, а кустос водичот Бојана Јанева ќе има музејска тура за присутните посетители.
Фокусот на уметниците, пресликан во делата е потрага по заемни мрежи на поддршка, исклучително потребни во состојби на општа несигурност, со намера да го отстранат прекаријатниот општествено конструиран дискурс и неговите манифестации во контекст на глобалните сегашни и историски неправди.
„Изложбата третира теми од низа историски и современи случувања, вклучувајќи глобални конфликти, родова експлоатација, колонијализам, расизам, нехуман третман кон мигрантите, суровост врз животните, здравствени кризни состојби, индивидуални и колективни состојби на кршливост и кревкост. Ставен е нагласок на тоа како овие настани, процеси и ситуации продуцираат нееднаква динамика на моќ, насилство и штета врз маргинализираните, но и потреба да се најде начин за излез надвор од рамките на личното и политичкото затвореништво“, вели кураторката Попова.
Изложбата го нагласува и сомнежот кон апсолутизмот на антропоцентризмот како масовно моќен концепт, а и кон специфичните истории на неправди што ги крие. Политички и чувствено ги открива сложените вкрстени мрежи на ранливост и вина што постојат меѓу нас, другите видови и меѓу луѓето од минатото, сегашноста и оние кои допрва доаѓаат.
Во она што се нарекува шок од антропоцентричност, уметниците размислуваат за генерирање на нови политички аргументи, нови наративи, нови јазици и нови начини на уметничко ангажирање, за итно преиспитување на човечкиот и нечовечкиот живот надвор од воспоставените стандарди за вреднување и однесување.
Како резултат на тоа, изложбата има за цел да го истражи „колаборативниот опстанок“ развиен преку уметнички дела во кои антропоцентричното размислување се помирува во имагинација и наратив за преживување, следејќи различни форми на поврзување, зависности и симбиози за заемно спасување.
Истовремено, ја испитува грижата како интимна врска што ги вкрстува социјалното и политичкото, субјективноста и солидарноста во рамките на емоциите, политиката, екологијата и заедницата.
По отворањето со диџеј сет ќе настапи Мартина Пенева.
Изложбата е финансиски поддржана од Министерство на култура на Македонија и Тиквеш.