Отворањето на нови препреки нема да ги зближат двата народи, велат од Владата за средбата Мицкоски-Главчев

од Nikola Popovski
1,6K прегледи

Од Владата излегоа со официјално соопштение по повод средбата на премиерот Христијан Мицкоски со неговиот бугарски колега, Димитар Главчев, во рамките на Самитот на НАТО во Вашингтон. Како што стои во кусото соопштение, Мицкоски остварил кус разговор со Главчев.

-На средбата беше констатирано дека треба да се релаксираат односите, при што Мицкоски посочи дека треба да се гледа на иднината и да се користат можностите за соработка. Темите од минатото и отворањето на нови препреки нема да ги зближат двата народи и дека треба да се направат напори и чекори кои ќе влеат доверба меѓу државите како во периодот пред ветото и отпочнувањето на политиката на опструкции, објавија од „Илинденска бр.2“.

Претходно од СДСМ обвинија дека Мицкоски ја крие средбата со бугарскиот колега. Од опозициската партија поставија неколку прашања, како на пример:

-Дали Мицкоски го крие разговорот и се срами да соопшти како поминале неговите барања? Дали воопшто ги поставил барањата за промена на преговарачката рамка? Дали било што од ветувањата кои ги даде пред граѓаните во кампањата го покренал како прашање? Или повторно, по веќе не знаеме кој пат од преземањето на власта, си ја подвиткал опашката?, стои меѓу другото во партиското соопштение на СДСМ.

Бугарските медиуми објавија дека тамошниот технички премиер во Вашингтон најмногу разговарал со македонскиот колега Мицкоски.

-На ист став сме дека треба да се намали тензијата и да се нормализираат билатералните односи. Земјите кандидати за членство во Европската Унија мора да ги почитуваат барањата, рекол Главчев.

Според бугарскиот премиер, односите меѓу двете земји треба да се нормализираат и да се вратат во текот на 2017 година кога беше потпишан Договорот за добрососедство и пријателство, пренесуваат бугарските медиуми.

-Премиерот додаде дека нема ништо подобро од добри односи и истакна дека со Северна Македонија сме повеќе од соседи, стои во текстот на „БНР“.

Слични содржини