Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, присуствуваше на отворањето на современиот градски пазар во Општина Делчево, во рамките на којшто ќе работат 18 дуќани и 192 продажни пунктови според современи стандарди, а од значење за граѓаните, урбаниот изглед на градот и локалниот економски развој.
„Владата силно и посветено работи на рамномерен регионален развој во државата. Затоа што развиени општини значат силна и развиена економија. Инвестицијата е околу 732 илјади евра, од кои 50 проценти се средства од Буџетот на Република Северна Македонија, реализирани преку Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и преку Центарот за развој на Источно плански регион. Останатите 50 проценти се од буџетот на општината, којашто покажува што значи да се работи домаќински и за потребите на луѓето. Проектот е реализиран по теркот на големите градови. И продажбата ќе се одвива во современи услови, како што доликува на еден град, а и на држава, којашто цели кон европски стандарди на живот”, посочи премиерот Ковачевски.
Преку Центарот за развој на Источниот плански регион, како што соопшти премиерот Ковачевски, во периодот од 2019 до денес, се реализирани 45 проекти финансирани од државниот буџет, линиските министерства, ИПА фондовите и поддршка од амбасади и останати организации, во вкупна вредност од 6,5 милиони евра.
„Еве ова е придобивката за граѓаните да имаат европски ориентирана Влада. Ние сме посветени да обезбедиме европски квалитет на живот дома и задржување на младите во нашата родна земја. И нема да дозволиме антиевропските субјекти да ги закочат европските перспективи на граѓаните, за свои цели, а луѓето да чекаат во 21 век да добијат елементарна услуга – градски пазар. Нам ни е важно да го поддржуваме развојот на општините, затоа што секој граѓанин во секоја општина заслужува пристојни и подобри услови за живот, од инфраструктурен, социјален, образовен, здравствен, од секој аспект”, рече премиерот Ковачевски.
„Честитки до градоначалникот за реализацијата на овој проект, за поддршката од надлежните институции. Продолжуваме со силно темпо да градиме Европска Северна Македонија. И тоа, на изненадување на сите, до 2030 година, ќе биде реалност!”, порача премиерот Ковачевски.