Отворен повик за инвестиции во 50 мегавати соларни централи

од Vladimir Zorba
319 прегледи

Дирекцијата за ТИРЗ објави отворена постапка за доделување на локации во пет различни технолошко индустриски развојни зони за изградба и поставување соларни централи. Склучување на јавно-приватно партнерство за проектирање, изградба, стопанисување и финансирање на овие централи е предвидено во ТИРЗ Скопје 1 и Скопје 2, ТИРЗ Штип, ТИРЗ Струмица, ТИРЗ Прилеп и ТИРЗ Струга.

Со ова целта е да се искористи дел од земјиштето во склоп на зоните кое во изминативе години, а во некои случаи повеќе од 15г. , е неискористено. Во најголем дел станува збор за парцели кои не се погодни за изградба на производствени капацитети. Со ова ТИРЗ сака да придонесе кон зајакнување на енергетските капацитети на државата како и на забрзување на транзицијата кон економија базирана на зелена енергија што е глобален тренд

Согласно изработената студија на изводливост, се очекуваат инвестиции од 40 милиони евра и максимален инсталиран капацитет од 50 мегавати. Постапката е деллива што отвора можност да инвестираат повеќе компании. На повикот важат исти услови за инвестирање и за домашни и за странски компании.

Државата ќе добие процент од приходите на секоја од компаниите што ќе инвестира, а предвиден е и дополнителен фиксен надомест за земјиштето. Договорите ќе бидат склучени на 25 години, а според проценките во Студијата која ја изработи реномираната меѓународна ревизорска куќа Грант Торнтон, само фиксниот надомест за овој период е проектиран на 14 милиони евра. Овие средства ќе бидат наменети за покривање на трошоците за подготовка на самото земјиште во Зоните, како и за други инфраструктурни зафати со цел побрза и поуспешна реализација на овие инвестициски проекти. Дел од приходите ќе се користат и за финансирање на други тековни иницијативи на ТИРЗ за поддршка за млади. Повикот е отворен 35 дена и е објавен на следниот линк!

Слични содржини