РЕК Битола ja информира јавноста дека активно работи на надминување на предизвиците со одлагањето на пепелта и ги уверува граѓаните дека квалитетот на воздухот не е нарушен.
„Иако присуството на прашина при поинтензивен ветер е позната појава во изминатите децении поради специфичниот процес на производство, транспортот и одлагањето на пепелта преку 3,7 километарска лента, РЕК Битола активно работи на нејзино минимизирање. Пепелта, како нуспроизвод од производството на електрична енергија, се третира со континуирано навлажнување, проследено со одлагање и засипување со земја. Сепак, високите температури и ветерот може да доведат до сушење на површинскиот слој и евентуално подигнување на прашина при нејзиното спуштање во касетата“, велат оттаму.
На 26 март 2025 година, Државниот инспекторат за животна средина изврши надзор на одлагалиштето за пепел во РЕК Битола. При увидот беше констатирано присуство на поголеми количини на пепел кои отстапуваат од пропишаните во Главниот рударски проект, за што беше издадено задолжение во рок од 30 дена количините да бидат соодветно одложени и посипани со земја. Не се изречени санкции.
„Со задоволство информираме дека денес, на одлагалиштето кое беше предмет на инспекцискиот надзор, нема ниту еден грам пепел. Целата количина е одложена, а теренот е целосно посипан со земја“, додаваат во соопштението од РЕК Битола.
Граѓани на социјалните мрежи во изминатиот период и деновиве споделуваат фотографии дека поради неправилно одлагање на пепелта од РЕК Битола и при посилен ветер се разнесува во воздухот создавање бел облак над електраната, а оваа појава е видлива и од градот Битола и се шири низ Пелагониската Котлина. Тие реагираат велат дека пепелта која ја испушта термоелектраната како нуспроизвод од согорувањето на јаглен за електрична енергија, содржи радиоактивни елементи.
Обвинителството веќе отвори предмет за ширењето на пепелта за да се испита дали при одлагањето на депонијата се почитува добиената а интегрирана еколошка дозвола, главниот рударски проект и другите прописи од областа на заштитата на животна средина. Надлежен јавен обвинител издаде наредба до СВР Битола за вршење увид на самото место. Истовремено побарано е да се изврши и вонреден инспекциски надзор на самото место на депонијата од страна на Државниот инспекторат за животна средина.
За добиените резултати и преземени мерки Инспекторатот за животна средина ќе го извести ОЈО Битола со цел процена на потребата и основаноста од понатамошно јавнообвинителско постапување.
Рударско-енергетски комбинат „Битола“ (скратено РЕК „Битола“) е најголема подружница во составот на АД Електрани на Македонија и се наоѓа на периферијата на Пелагонија, во близина на градот Битола. Комбинатот, чија основна дејност е производство на електрична енергија и јаглен, е најголем во системот на македонското електростопанство.