Во Братислава денес за навистина убав повод. Во присуство на министерот, Иван Корчок официјално ја отворивме Амбасадата на Република Северна Македонија во Словачката Република, соопшти министерот за надворешни работи, Бујар Османи од Братислава.
Тој е сигурен дека овaа Амбасада ќе биде уште една точка преку која ќе ја развиваме нашата соработка.
„Северна Македонија и Словачка и досега развиваа исклучително позитивни и квалитетни билатерални односи, но сакам да верувам дека со денешниот чин влегуваме во едно ново поглавје на интензивни билатерални односи помеѓу нашите две земји. Убеден сум дека преку Амбасадата ќе го засилиме нашето пријателство, кое е во постојан подем, ќе бидеме и фактички многу поблиски, поврзани и секако поефикасни во реализација на нашите амбиции“, истакна Османи.
Резидентното дипломатско претставување на Северна Македонија во главниот град на Словачка ќе даде дополнителен поттик за сестран развој на односите меѓу двете држави, велат од македонското МНР.
„Со отворањето наше дипломатско-конзуларно претставништво во Словачка, напорите за обезбедување на поинтензивна комуникација, особено на планот на економската соработка, културата, образованието, заштитата на интересите на нашите граѓани и мноштво други активности, ќе придонесат за нова димензија на квалитетот на меѓусебните односи“, се наведува во соопштението.