Пуштена е во употреба новата Поликлиника Сарај којашто ќе опслужува над 45.000 жители од овој регион на градот Скопје. Станува збор за инвестиција во вредност од 79 милиони денари, обезбедени од Министерство за здравство.
Новата поликлиника ќе биде дел од Здравствен дом Скопје, со што ќе придонесе за уште поефикасна здравствена заштита на населението во делот на примарното здравство.
„За успешно функционирање на поликлиниката обезбеден е и стручен медицински кадар, за што во декември, минатата година беа реализирани 26 нови вработувања од разни профили. Максимално сме посветени кон зајакнување на јавното здравство преку подобрување на инфраструктурата, набавка на нова опрема, нови лекови и вложување во човечкиот капитал. Со истото темпо продолжуваме и во следниот период“, истакна министерот за здравство Меџити.
Поликлиниката во Сарај ќе обезбедува здравствена заштита за граѓаните од над дваесеттина населени места (меѓу кои Бојане, Матка, Копаница, Чајлане, Буковиќ, Кондово, Љубин, Радуша, Шишево, Горно и Долно Свиларе, Грчец, Крушопек, Ласкарци и други). Досега, пациентите од оваа општина ги користеа здравствените услуги во најблиската поликлиника Ѓорче Петров.
Во неа ќе се обезбедуваат здравствени услуги за превентивна здравствена заштита, односно ќе функционираат вакцинални пуктови за деца од предучилишна и училишна возраст со превентивна детска стоматологија. Покрај превентивните служби, во Поликлиниката ќе се обезбедува и специјалистичко–консултативна здравствена заштита. Опремени се биохемиска лабораторија, кабинет за рендген дијагностика, ОРЛ кабинет и кабинет за дерматовенерологија.