Десет големи светски компании од областа на енергетиката и градежништвото поднесоа понуди во фазата за претквалификација за проектот Чебрен, односно за концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроцентрали на Црна Река.
Комисијата формирана од Владата во наредниот период ќе изврши евалуација на пристигнатите апликации дали ги исполнуваат условите од тендерската документација. Квалификуваните понудувачи ќе бидат поканети во втората фаза, во која ќе можат да достават комплетни понуди за проектот и за нивно учество во Јавно-приватно партнерство со АД Електрани на Северна Македонија за изградба на овој капитален енергетски објект.
Комисија надлежна за тендерот за Чебрен денеска ги отвори пристигнатите понуди за квалификација и утврди дека се пријавени 10 компании.
1. CONSORTIUM ЕNКА – COLIN – ТУРЦИЈА
2. CONSORTIUM PPC – ARCHIRODON -ГРЦИЈА
3. EDF – ФРАНЦИЈА
4. CONSORTIUM COBRA – COBRA HIDRAULIKA – ШПАНИЈА
5. CONSORTIUM EVN – VERBUND – АВСТРИЈА
6. WEBUILD SPA ITALIA (SALINI) – ИТАЛИЈА
7. GEZHOUBA GROUP CHINA – КИНА
8. POWER CONSTRUCTION CORPORATION OF CHINA – КИНА
9. CONZORTIUM OZALTIN – YAPI MERKEZI – ТУРЦИЈА
10. CONSORCIUM EIFFAGE-WATERLU-ANDRITZ-NORCONSULT – ФРАНЦИЈА, АВСТРИЈА
Владата на Северна Македонија, преку АД ЕСМ ќе ангажира трансакциски советник кој треба да ја изработи тендерската документација за втората фаза, со цел успешна реализација на проектот.
За проектот Чебрен се правени бројни обиди наназад низ годините оваа голема хидроелектрана да се изгради, но проектот до денес не успеа да се спроведе. Оваа Влада направи сериозни напори и подготовки одново да го стартува проектот и овој пат да се реализира успешно.
ХЕ Чебрен се планира да се оствари по принципот на јавно-приватно партнерство (ЈПП ), во кое ЕСМ ќе биде јавниот партнер во име на државата во овој голем проект чија инвестициска вредност ќе изнесува минимум 500 – 600 милиони евра.
Хидроелектраната ќе има инсталирана моќност од 333-458 MW, за годишно производство од 1000-1200 GWh електрична енергија (ЕСМ сега вкупно годишно произведува околу 4000 GWh) и со годишна заштеда од 913 000 тони на CО2.