Ќе се согласите ли со мене дека реформи во партијата се неопходни. Дека реформи не може да има со исти луѓе кои досега биле во врвот на партијата. Еве ќе ви дадам и имиња на луѓе кои последниве десет години ја донесоа и партијата и државата во ќорсокак и се причина за проблемите а не решение: Никола Груевски, Сашо Мијалков, Мартин Протуѓер, Трајко Вељановски, Владо Поповски, Илија Димовски, Никола Тодоров, Антонио Милошоски, Миле Јанакиевски, Гордана Јанкуловска, ….да бројам ли понатаму или да речам: топтан целиот врв ! Само таков зафат може да ја спаси партијата од самоуништување!
Старите членови, основачите, бранителите, ветераните и верното членство мора да свика вонреден конгрес на партијата на кој отворено ќе се расправа за иднината. Вака оваа агонија ќе трае до бескрај а тоа им одговара на оние кои не сакаат да прифатат никаква политичка и морална одговорност туку обвинуваат разноразни фантоми, странци, ѓаволи, духови и завери! На таква партија можеш слободно да и истуриш пепел! Ејгиди мори партијо, каде ти се војводите, комитите, револуционерите ?!
Од Револуционерна партија, од пaртија која го обедини Македонскиот народ ширум светот , од партија која го победи комунистичкиот еднопартиски режим пред две и пол децении, стана султан партија , стана гнездо на кукавички јајца снесени токму во тој кокошарник што го исчистивме во далечните деведесетти години на едно минато време кога идеалите беа посилни од парите, кога народот не се плашеше од постоечкиот режим, кога имаше вистинска доверба, вистинско единство , вистинска Вера, Надеж и Љубов и во партијата и помеѓу Македонскиот народ, и во државата што сите заедно ја градевме!
И денес народот мора да реши што сака, како сака и со кого сака да гради поарна иднина! Време е за длабоко , морално и , мудро размислување и делување!
Нестор Огинар – Фејсбук статус