Отворено писмо до Денко Малески

„Запрепастен сум, фрапиран, вознемирен, дури би рекол и згрозен од неколкуте последни колумни на професорот во кои тој, веќе отворено „вината за војната во Украина“ ја префрла на колективниот Запад, најмоќните држави од Европа во прв ред, како и на поранешната американска дипломатија и aдминистрација на претседателот Бајден, а никаде со ниту една реченица, не пишува за „улогата“ на рускиот претседател и неговата вина за „специјалната воена операција“ во Украина“

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: Локално

Како  млад и ентузијазиран студент по политички науки на Правниот факултет во Скопје, веројатно како многумина од моите колеги, човек што неизмерно   си ја сака својата земја, бев на став дека „светот/меѓународната  заедница  врши огромна неправда врз еден мал народ да си го смени своето име“, под притисок на својот далеку помоќен јужен сосед, член на меѓународните организации кон кои ние како држава и нација се стремиме да се интегрираме. Сигурно,  денеска, после дваесеттина години, од нашите преубави студентски денови, голем дел и од моите поранешни колеги  се на истиот став. Но не и јас. Моето „салто  мортале “ во поимањето на „суровата и реална“ меѓународна политика, и како функционираат односите во анархичноста на меѓународното општество, односите помеѓу државите, без претенциозност му го должам на професорот по меѓународни политички односи и прв министер за надворешни работи на Македонија, г-динот Денко Малески, кој во предавањата додека му бевме студенти, преку неколку практични примери, барем на мене ми ја разјасни „филозофијата “ на функционирањето на меѓународната реалполитика. Во овие повеќе од седум години, откако настапувам како политички аналитичар на македонските медиуми, се водам од тие „Денкови“ премиси кога треба да се произнесам за меѓународната политика кон Македонија, нејзините „спорови“ со соседите и како  тоа се рефлектира врз нашиот државно-правен развој во овие триесет и пет години на независност, и како ќе се пресликува и во иднина, низ децениите кои следуваат. И се разбира, во држава во која просечниот коефициент на интелигенцијата на населението е 81.9 , постојано сум „спружуван на столбот на срамот“, како „предавник, издајник, бугараш и измеќар на Софија“, за кое ми претставува особена чест и задоволство и ми импонира, бидејќи знам дека сум на правата страна на историјата и ја говорам вистината за добробитта на Македонија.

Што се случува со ценетиот  професор!?

Затоа сум, запрепастен,  фрапиран,  вознемирен, дури би рекол и згрозен од неколкуте  последни колумни на професорот во кои  тој, веќе отворено „вината за војната во Украина “ ја префрла на колективниот Запад, најмоќните држави од Европа во прв ред , како и на поранешната американска дипломатија и администрација на  претседателот  Бајден, а  никаде со ниту една реченица, не пишува за „улогата “ на рускиот претседател и неговата вина за „специјалната воена операција“ во Украина. За да не влегувам во целосна елаборација, на  тие негови писанија за кои сум вчудоневиден, ќе го цитирам, поранешниот новинар, актуелен колумнист и публицист, Бранко Тричковски, кого го сметам за еден од најголемите умови ( заедно со  Денко), кои оваа напатена и жална земја „ги родила “ на оваа почва, во неговиот „одговор до Денковата реал-политика  во Украина“. Меѓу другото, во својот познат стил на духовитост, но со крајно сериозни намери  тој вели: „Денко, НАТО не се шири на исток, туку земјите од исток сакаа и сакаат да блезат во НАТО.Зошто?Затоа што се чувствуваа загрозени од Русија.Башка носат тешки траги од руската чизма врз своите лица.Зошто Украина не сака да биде членка на Руската федерација, туку сака да биде во НАТО? Колкава треба да биде Русија за да биде безбедна?Зошто не ја нападне Кина?Која е веќе навлезена на руска територија.

И како успеваш да ги прескокнеш неверојатните грозотии на руската агресија. Жртвите, разорувањата, раселувањата, психичките трауми, економскиот крах, инфраструктурните уништувања, децата, киднапираните деца преработени во кагебеовските лаборатории за производство на роботи и уништени души. Запад бил винивен! И Зеленски!?Еве, сега се поставува прашањето за безбедноста на Западна Европа, имаш ли ти исто мислење како во случајот со Украина? Кој дел од Русија би требало да го нападнат западњаците за да ја отклонат опасноста?Калињинград?Или некои парче околу Санкт Петерсбург.Освен тоа си се прашал ли како со освојувањето, еве, да речеме, на цела Украина, Русија ќе се оддалечи од НАТО.Па- се приближува.

Западниот културен и политички систем ќе беше загроза за Москва, а не НАТО како воена сила.Дали твојот пристап и доава на Москва право да ја нападне Романија, Финска, Шведска, Латвија, Естонија, Литванија, Бугарија и,конечно, нашата мала  Македонија.Не сакам да полемизирам“.

И во втор уште побрилијантен настап продолжува:

„Мојот драг прифесор Денко, продолжува да галопира во погрешна насока на коњот на таканаречената реалполитика.Како да се прејал боршч кој, како што е познато, е лоша подлога за американскиот бурбон.И затоа на новата геополитика гледа низ визирот на рускиот тенк и на американското трампистичко геополитичко шарлатанство.Европа да не се вооружува, а Русија да не се разоружува!?Тоа ли е реалполитика?Денко?Нато да не се шири на Украина и покрај изричната и сто пати повторена молба на Киев, а Русија да се шири врз Украина со беспризорна и невидено брутална агресија?!И Европа тоа да го поздрави како добро кое никогаш не и се случило.Каква е таа реалполитика?Европа да не ја загрозува руската безбедност, што никогаш не била европска тема, уште помалку амбиција, уште од Наполеон и Хитлер, но Русија да може да ја нарушува безбедноста на Европа со секојдневни закани и јасен приказ како би можеле тие закани да изгледаат во фазата на остварувањата низ дејствијата во Украина и низ идиотските изјави на политичкиот шнауцер на Путин, товаришот Медведев..Да и низ искуствата на Студената војна кога Русите беа на Александарплац во Берлин.За војната во Украина се обинуваат сите, од Бајден, до Макрон, Страмер, папите Фрањо и Лав, Кит Урбан и Никол Кидман, пред да се разведат, само не агресорот, односно Путин и Русија.Тоа ли е новата нормалност.Господине Малески.Америка ќе ги оставела Украина и Европа и ќе се занимавала со Венецуела и Кина.Можно е, но само шарлатаните и будалите не можат да знаат дека без Евроша и со евентуален пораз на Украина односно со пораз во Украина, Америка никогаш нема да биде грејт агеин туку ќе биде меѓуокоенска светска провинција.Без идентитет и историја.Тоа ли е реалполитика. Или е тоа политичка естрада и шарлатанство.На Русија да не и се носат нато тенкови пред границата, но руски тенкови можат да бидат на границата со Европа, дури длабоко во Европа (Калининград).Русија може поради наводно безбедносни причини да го окупира Донбас, а Европа не може да си го врати Кенингсберг.Кој и зафаќа пола џигер.Ширењето на Русија врз Украина или делови од Украина не ја оддалечува од тенковите на нато туку ја прижиближува, што покажува дека безбедносниот момент за “специјалната операција” е само изговор.Впрочем, агресијата брз Украина му донесе на Путин уште две нато членки на северните граници: Финска и Шведска.А еве, слушаме најави, Украина ќе ја примат во Европската унија.Без гаранции за идентитетот и јазикот.Хахаха!Конечно, по три години војна Русија е многу далеку од почетните амбиции, претрпе огромни човечки, материјални и финансиски жртви, ангажираше корејски војници и еден куп други платеници , економски е пред колапс, украинските напади врз нафтната и гасна инфрастуктура, очигледно сервисирани од САД, ја расклатија стабилноста на Москва и им ја донесоа војната на Русите дома!?Путин е, вели Зеленски, во паника.Јас верувам дека можеби во паника не е, но дека е крајно загрижен од развојот на ситуацијата, тоа е сигурно.На крајот разбрав еден единствен аргумент кој ми делува реален: Запад има нуклеарно оружје, но нема намера да го употребува затоа што има свест за последиците, конечно тие први употребија атомска бомба за крај на Втората светска војна, а Русите, демек нема да се воздржува затоа што, не знам, Путин е луд или лудата екипа околу него се уште не дошла на ред да се лизга од високи џамовиНеверојатно.И на крајот околу најбезобразното тврдење дека Европа не сака преговори туку сака војна?

Оваа конструкција не е ни проруска, макар што го носи белегот на класичната руска идиотштина во пропагандата, не е ниту протрамповска, таа е просто безбразна измислица која, претпоставувам, треба да го шири чувството на вина на Европа.

Јадна Стара дама, кој се не и се изреди. Практично целата цивилизација што ја создаде. Кај толку издржа, уште еден професор плус-минус, не би требало да и претставува сериозен проблем.Од Втората светска војна наваму, сите војни што ги воделе, големите сили ги загубиле: Франција Алжир и Индокина, Америка-Виетнам и Авганистан, Русија-Авганистан. Да не правиме муабет за поразите на колонијалните сили во потсахарска Африка.Еве го првобитниот почеток на текстот: Денко: Американскиот претседател, нема да ја загрози Америка заради Украина.

Тричковски: Да, но ако Украина загуби, Америка не може да не биде поразена и, во поширока смисла, загрозена. Америка не може да се дистанцира од судбината на Украина ако сака да го задржи своето место и улога во светот. Лефтерните изјави на Трамп кои секој момент се разликуваат како тонот и насоката на пијаниот по третата и петата чашка, не се никаква реалполитика, туку се шарлатанизам од кој позицијата на неговата грејт агеин земја може да биде загрозена. Како што истата таа политика, тој трампизам кон кој професорот Малески има толку изразени симпатии, ја загрозува од внатре.“

РУСИЈА Е НАЦИСТИЧКА ГЕРМАНИЈА ЗА УКРАИНА!

Еден од најпознатите цитати, веројатно од најголемиот руски писател Лав Николаевич Толстој, „сите среќни семејства се исти, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин…“, од светскиот бестселер „Ана Каренина“, може да се преведе и како „сите среќни нации се исти, секоја несреќна нација е несреќна на свој начин“. Во овој случај, со право можеме да заклучиме дека украинската нација и народ се едни од најнесреќните нации, секако на европскиот континент, ако не и во целиот свет. Деновиве помина деведесет и втората годишнина од „Холодоморот“ (на украински), или попознат кај нас како „Гладомор“ (Глад), систематска репресија од страна на советските власти на Сталин за екстремно осиромашување преку присилна и сурова колективизација на целата храна и добиток на украинскиот народ, што доведе до смрт на помеѓу 3,5 и 5,5 милиони Украинци во 1932 и 1932 година. Денес, научниците сè уште се расправаат дали ова било намерно и свесно, систематско и целно уништување на украинскиот народ од страна на неоспорениот советски диктатор Ј. В. Сталин, но фактот за масовната смрт и милиони Украинци кои починале од смртни случаи предизвикани од државниот систем е неоспорен. Денес, на барање на Украина во 2006 година, 34 земји, како и самата Европска Унија, официјално го признаа Холодоморот како историски геноцид врз украинскиот народ од страна на СССР и неговиот водач Сталин, вклучувајќи ја и Бугарија, но за жал не и Македонија.

А  јас, како контратежа на „реалполитиката “ на професорот Малески ги додадов овие  „историски реминисценции да го потсетам“ за моралноста во ставот на секој еден не интелектуалец, ами нормален, човечен, цивилизиран човек во 21-виот век, на чија страна треба да биде кога дава „квалификации за војната во Украина“,  кога пред нашите очи ја гледаме невидената брутална и бестијална ѕверска агресија на еден монструм врз цела украинска нација, со ништо предизвикана и испровоцирана од нивна страна. Господине Малески, гледам и воочувам дека постојано ја нагласувате „опасноста од нуклеарната закана“ доколку продолжи војната ( нели поттикната од западните европски сили), наместо веднаш да се стави крај и договори мир по паметот на американскиот претседател. Макар и со одземени најмалку 20% од украинската територија, тоест откинување од украинскиот територијален интегритет и суверенитет. Простете, но тој „мир“ , не само што е најголем пораз, не само за „воспоставеното меѓународно право и поредок после Втората светска војна“, туку е и најголем  немир и срам за милионите загинати украински души, пред се невини деца, млади, жени, мажи и стари. Цивили. Јас одбивам таков „мир“ и мојот морален кодекс, попрво ќе прифати нуклеарен армагедон и претворање на целото човештво во преостанати живи лебарки по планетата земја.Така, верувајте ми-повеќе ќе се спасиме, како „човештво“, одошто со „мирот на Трамп договорен во дил со Путин!  Тоа сум јас, морален идеалист,  тоа сте Вие- реалполитик. Кој учеше од вас. И многу научи. Но, на крајот оваа „лекција“ не само што нема да ја научам, ами „книгата со горчина ќе ја искинам“. Од напишаното во неа.  Нема потреба да се плашите од заканата од нуклеарна катастрофа. На крајот нема да се случи. Повеќе плашете се од моралната катастрофа, која за моја најголема жал, на поодминати, возрасни години Ви се случува. Од за мене, невидени и неразјаснети причини . Ви посакувам многу  здравје и секое добро!

Благојче Атанасоски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.