Дачер Келтнер, професор по психологија на Универзитетот во Беркли, се осврна на прашањето која навика најмногу одредува дека ќе потрае врската или бракот.
Многумина би помислиле дека тоа е комуникација или меѓусебно почитување или негување на заеднички вредности, но во своето истражување, Келтнер дошол до поинаков заклучок – заедничката смеа е еден од најголемите показатели дека љубовната врска ќе трае.
За паровите кои се разведувале во просек 13,9 години по бракот, недостатокот на смеа предвидувал крај на нивниот брак. Во раниот период на бракот, гневот и непочитувањето се крајно токсични.
Во подоцнежните фази на бракот, отсуството на смеа е главниот показател дека бракот може да се распадне, заклучи тој.
Вообичаено е мислењето дека кавгите се оние што ѝ пресудуваат на брачната врска. Сепак, здравата расправија може дури и да биде корисна за врската. Од друга страна, кога двојката ќе престане да се смее заедно, многу поверојатно е да раскинат.
Со тоа е поврзана и неочекуваната вештина што ја усовршија најсреќните парови – меѓусебно задевање. Истражувањата покажаа дека паровите кои знаат симпатично да се задеваат едни со други не само што се најсреќни, туку знаат и подобро да ги решат конфликтите и имаат поголема веројатност да останат заедно.
Сепак, задевањето треба да биде во умерени количини и не значи дека другата личност треба да се срами и повреди. Задевањето треба да биде забавно и да се однесува на работи за кои знаете дека другата личност не ги смета за непријатни.