Кога украинските позиции почнале да се уриваат, единиците се утврдиле во градот, подготвувајќи се за одбрана. Руски сили, искористувајќи магла, незабележано влегле во Хуљајполе по коритото на реката и го нападнале украинското командно место. Во престрелката што следела, бранителите биле затекнати неподготвени и се повлекле, оставајќи зад себе лаптопи и борбени карти со чувствителни информации за позициите на операторите со дронови.
„Тоа беше катастрофа“, изјави за „Њујорк тајмс“ капетанот Дмитро Филатов, командант на Првиот одвоен јуришен полк, кој итно бил испратен како засилување во регионот.
Растегната одбрана и недостиг од ресурси
Падот на командното место кон крајот на декември го открива клучниот проблем на украинската армија по четири години исцрпувачка војна: недоволен број војници за рамномерна одбрана на сите сектори. Додека главниот фокус беше ставен на одбраната на Доњецк, делови од Запорожје, меѓу кои и Хуљајполе, останале послабо заштитени.
Во ноември и декември руските сили оствариле значителен напредок токму во Запорожје и соседната Дњепропетровска област, освојувајќи околу 440 квадратни километри територија. Според анализите, Русија сега контролира најмалку половина од Хуљајполе.
„Нема со што да се пука“
Градот со години бил поштеден од директни напади, а неговата одбрана ја држеле слабо обучени единици на Територијалната одбрана, составени претежно од цивилни доброволци. Жителите сведочат дека имало минимална артилериска поддршка. „Имаше еден топ што испукуваше неколку гранати и толку. Нема огнена моќ“, велат тие.
Итни засилувања и тешки контранапади
Откако украинската армија призна дека се повлекла од неколку населени места северно од Хуљајполе, биле испратени итни засилувања. Контранападите, според офицерите, се одвиваат под постојана закана од јуришни дронови и жестоки борби од непосредна близина.
Командантите на терен признаваат дека недостигот од човечки ресурси е хроничен. „Постојано ни недостигаат луѓе“, изјави командант со повикувачки знак Хорол, додавајќи дека нема доволно сили ниту за одбрана, ниту за офанзивни дејства.
Страв од понатамошно руско напредување
Украинските војници отворено признаваат дека моментално немаат капацитет целосно да го повратат Хуљајполе. Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин наводно им наредил на своите трупи да продолжат со офанзивата и да се обидат да го заземат регионалниот центар Запорожје во „блиска иднина“.
Надежите на Украина се насочени кон новоизградени одбранбени линии низ Запорожје, сложен систем од бодликава жица, противтенковски ровови и земјени насипи, дизајнирани да го забават и исцрпат напредувањето на руските сили.