Врз основа на сите протечени информации и сите шпекулации досега, @OnLeaks и @ 91mobiles пуштија „официјални“ компјутерски генерирани слики на Galaxy Note 9 направени на CAD (програма за компјутерско проектирање).

Сосема очекувано, се чини дека Galaxy Note 9 нема да биде којзнае колку поинаков од минатогодишната „осмицата“. На прв поглед предниот дел на телефонот воопшто не изгледа променет, настрана можеби тоа дека горната и долната рамка изгледаат за една идеја потенки. Исто така, нема значителни промени на страните. Уредот е опремен со USB Type-C порт, микрофон, 3.5 милиметарски аудио приклучок и белегот на серијата Galaxy Note – игла.
Сепак, дизајнот на грбот претрпел некои подобрувања. Двојната камерa е сместена хоризонтално, а скенерот за отпечатоци се наоѓа малку-под неа, што донекаде е подобрa позиција, од онаа која се наоѓаше во претходниот модел.
Се вели дека големината на Samsung Galaxy Note 9 е малку поинаква од нејзиниот претходник. За да бидеме попрецизни – 161.9 х 76.3 х 8.8 мм во споредба со Galaxy Note 8 – 162.5 х 74.8 х 8,6 мм. Информациите за екранот што ги имаме е дека ќе биде 6,3-инчен Super AMOLED, резолуцијата најверојатно ќе биде 1440 x 2960 пиксели.
Сепак, изгледот не е толку интересен како внатрешноста на паметниот телефон. Очекуваме предводникот да се појави со процесор Snapdragon 845 на некои пазари (за други ќе биде Exynos) и батерија со капацитет 3850mAh. Немаме трпение да видиме и што направиле Samsung со камерата, бидејќи иако се меѓу првенците по тој показател, оваа година конкуренцијата е огромна.

Корејскиот гигант наскоро ќе го објави официјално својот Galaxy Note 9. Очекуваме премиерата да се одржи на 9-ти август. Дотогаш, ќе истечат повеќе информации за уредот. Досега, промените од претходниот модел не изгледаат многу големи, но кој знае … Може да нè изненади Samasung за два месеци, нели?