Ова се најчестите знаци на топлотен удар кај вашите миленици

од Весна Петровска
26 прегледи

Топлите летни температури можат да бидат особено проблематични за милениците, па затоа е важно да се знае како да се реагира при симптоми на топлотен удар.

Имено, кучињата и мачките можат да доживеат топлотен удар – состојба опасна по живот, при која телесната температура се зголемува до точка на која може да дојде до сериозни последици, вклучувајќи откажување на органи, па дури и смрт.

За миленичето да добие топлотен удар, не мора секогаш да биде екстремно жешко. Предолго задржување на отворено  на жешко време, како и оставање во топла или влажна средина со слаба вентилација, може да предизвика брзо прегревање на миленичето.

Избегнувањето на вакви ситуации е секогаш најдобро, но важно е да ги препознаете знаците на топлотен удар за да можете соодветно да го згрижите својот миленик и да знаете кога е неопходна ветеринарна помош.

Симптомите на топлотен удар се слични кај кучињата и мачките, иако кај мачките често се посуптилни. Некои од симптомите се: здивкање, што може да премине во отежнато или бучно дишење како што се влошува состојбата; понатаму, симптомите вклучуваат немир или вознемиреност, забавени движења, барање сенка или вода, црвени непца или јазик, зголемен број отчукувања на срцето и повраќање.

Напредната фаза на топлотен удар кај домашните миленици може да вклучува летаргија, конфузија, слабост или колапс, губење на свеста и напади. Во такви случаи, потребно е веднаш да се дејствува, и да се обратите кај вашиот ветеринар бидејќи топлотниот удар може брзо да стане опасен по живот.

Слични содржини