Американската јавност сè уште е во состојба на шок по експлозијата што се случи денес во Нешвил на Божиќ, јавуваат локалните медиуми.
Според досегашните информации, најмалку три лица се повредени, а наводно еден од полицајците привремено го изгубил слухот поради детонацијата. Полицијата соопшти дека очигледно станува збор за „намерен чин“.
На прес-конференција, портпаролот на полицијата, Дон Арон изјави дека единицата за управување со опасни уреди била испратена на местото по пријавата за сомнително возило кога возилото експлодирало околу 6.30 часот наутро.
„Ние веруваме дека експлозијата била намерно предизвикана“, рече Арон.
Според американските медиуми, една од сведоците тврди дека слушнала снимена порака преку звучник, која ги предупредувала луѓето да се евакуираат, пренесува Newschannel 5.
– Слушнавме пет до шест истрели, мислевме дека не е ништо. По 5 минути повторно ги слушнавме, па повикав полиција. Слегов долу и видов комбе и слушнав снимка: „Ова возило има бомба, евакуирајте се“, изјави една жена за ТВ-мрежата, која наводно била сведок на експлозијата.
Како што истакнува, тогаш се сменила снимената порака, на која на граѓаните им било речено да имаат 15 минути за да се евакуираат.
– Не видов дали има некој во комбето, но ја слушнавме снимената порака „Евакуирајте се, овој автомобил има бомба“. Последното одбројување што го слушнавме беше кога беше речено дека ќе експлодира за осум минути, а потоа заминавме – рече сведокот и додаде дека само виделе што се случило подоцна.
На новинарско прашање дали би била повредена или ќе настрадала ако не го напуштела својот дом, таа рекла да.