Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир изјави дека денешниот ракетен напад врз седиштето на базата на Северната команда во градот Сафед на северот на земјата значи војна.
„Ова не е повремен упад, ова е војна“, напиша Бен Гвајр на социјалната мрежа X.
Тој, како што пренесува „Тајмс оф Израел“ повикувајќи се на Канал 12, побарал итна средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за да се разговара за ескалацијата на насилството на северот на земјата.
Израелскиот опозициски политичар Авигдор Либерман исто така повика на остар одговор на Израел на нападот врз Сафед.
„Црвената линија се претвори во бело знаме. Воениот кабинет му попушти на Хезболах и го загуби северот“, напиша Либерман на социјалната мрежа X.
Поранешниот израелски советник за национална безбедност Јаков Амидрор истакна дека северен Израел е заробен во нешто што изгледа како контролирана игра на пресметка со Хезболах, група поддржана од Иран.
„Војната со Хезболах е огнен разговор, во кој секоја страна ѝ вели на другата – внимателно, ја преминавте границата“, изјави Амидрор за израелскиот јавен сервис „Кан“.
Едно лице загина, а осум се ранети во ракетен напад што денеска беше извршен од правец на Либан кон северот на Израел, а за кој се сомневаат дека го извршиле милитанти на Хезболах.
Израелската армија денеска соопшти дека возвратила на нападот.