Овие два холивудски заводника ќе бидат меѓу водителите на доделувањето на Оскари

од Stefanija Kuzmanovska

Американската академија за филмски уметности и науки го објави списокот на актери и познати личности кои ќе бидат домаќини на 93-та церемонија на доделувањето на Оскарите на 25 април во Долби Хол во Лос Анџелес, вклучувајќи ги sвездите Харисон Форд, Бред Пит и Хали Бери.

На списокот се најдоа и Рене Зелвегер, Хоакин Феникс, Лора Дерн и режисерот Бонг Џун-хо, чиј филм „Паразит“ минатата година ја освои главната награда – Оскар за најдобар филм, соопштија продуцентите на церемонијата.

Домаќин на Оскаровата вечер ќе биде Глен Вајс, познат експерт за ваков тип настани, но со помош на режисерот Стивен Содерберг, кој е одговорен за продукцијата.

Академијата објави дека 93-та церемонија традиционално ќе се одржи во салата Долби во Лос Анџелес, но ќе има вклучувања и од други места.

Испратено е писмо до сите номинирани барајќи нивно физичко присуство на церемонијата.

„Ќе се обидеме да обезбедиме пријатна и безбедна вечер за сите што ќе бидат физички присутни, како и за милиони љубители на филмот ширум светот“, соопштија организаторите, додавајќи дека на самото место ќе има тестови за коронавирус.

Оваа година, филмот „Манк“ на Дејвид Финчер, во кој глуми Гери Олдман, стана фаворит за Оскар затоа што освои најмногу, 10 номинации за таа филмска награда.

Слични содржини