Руската приватна паравоена организација „Вагнер“ сугерираше дека нејзините борци се враќаат во Украина „за да ги заштитат руските интереси“. Оваа информација беше протечена во јавноста само еден месец по смртта на нејзиниот основач Евгениј Пригожин, кој во голема мера го оспори авторитетот на рускиот претседател Владимир Путин за време на војната во Украина.
Иднината на „Вагнер“ во моментов е неизвесна, иако токму оваа платеничка група одигра клучна улога во руската битка за градот Бахмут во Доњецк, а дополнително, таа продолжува да му обезбедува на Кремљ пристап до ресурси во делови од Африка каде што, под маската на обезбедување безбедност, таа всушност работи во сива зона.
Да потсетиме, на 23 август Пригожин загина во авионска несреќа, за која многумина веруваат дека е одговор на неговиот бунт против рускиот воен естаблишмент два месеци претходно. Кремљ веднаш ја отфрли одговорноста за несреќата.
Но, по јунскиот бунт, истиот Кремљ презеде построга контрола над „Вагнер“, чии борци Путин рече дека „може да се приклучат на руската армија или да одат во Белорусија“, пишува Newsweek.
И додека на големо се шпекулира за следните чекори на војниците на „Вагнер“, Телеграм каналот „Сива зона“ на таа паравоена организација шокираше со објавување фотографии од нејзините борци кои држат знамиња на „Вагнер“ и Русија пред автобуска станица на непозната локација, за што се верува дека е некаде во Украина.
– Војниците на еден од водовите на 1. јуришен одред, откако ја собраа својата независна група, се враќаат во зоната на конфликтот со цел да ги заштитат интересите на Русија и да обезбедат победа – пишува на крајот од публикацијата, а подолу е цитат од покојниот Пригожин кој еднаш рекол: „Кога повторно ќе и требаме на нашата земја, ќе се вратиме и ќе го заштитиме нашиот народ“.
Самуел Рамани, соработник во Кралскиот институт за Обединети услуги (RUSI), напиша на Твитер дека поранешниот советник на Кремљ, Сергеј Марков, кој се залагаше за Пригожин, даде слични тврдења за враќањето на Вагнер.
– Украинците се во страв – смета тој и додава дека е за очекување „Вагнер“ да се фокусира на офанзивни задачи, веројатно во Купјанск/Лиман, каде што украинските сили се ангажирани во контраофанзива за враќање на територијата окупирана од Русија.
Во исто време, белоруската независна мониторинг група Хајун ги оспори извештаите дека борците на „Вагнер“ ја напуштиле Белорусија. Според нив, сè уште не се демонтирани сите шатори што ги подигнала платеничката група во кампот во областа Осиповичи во областа Могилев.