Пред неколку дена, на единствениот број за итни случаи – 112 имало чуден повик од граѓанин. Како што информира директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, пациент паднал од болнички кревет, па морал да се јави на бројот и да побара помош оти два часа никој од медицинскиот персонал не доаѓал да му помогне и да го крене.
Кога вработените во ЦУК, го прашале каде се наоѓа за да испратат помош, лицето рекло дека е во болницата во Велес.
-Нашите оператори најпрво мислеле дека станува збор за некое недоразборање оти како е можно лице кое е згрижено во болница да бара помош? Но, навистина било така. Лицето било примено во болницата, но во текот на ноќта паднало од кревет и барало помош од сестра и доктор. Никој не доаѓал два часа. Успеал да дојде до мобилниот телефон и се јавил кај нас. Имал шипки во рацете и ‘рбетот, изјавил Ангелов во подкастот на СДК.
Според него, вработените во ЦУК го контактирале и чуварот во агенцијата за обезбедување, но тој немал соодветен клуч и не можел да влезе.
-Настанала вистинска драма, повеќе од 40 минути траела драмата, додека на крај итната медицинска помош да влезе кај човекот, додал Ангелов.
Од февруари 2022 година, функционира единствениот број за итни случаи 112. Со тоа, помош може да се добие само со вртење на бројот 112, наместо да се врти на четири броеви за итни случаи 192 – Полиција, 193 – Пожарна, 194 – Брза помош и 195 – Центар за управување со кризи (ЦУК). Потоа повикот ќе се пренасочува преку системот кон оној за кого е наменет.