Пад во поддршката за членство на Северна Македонија во ЕУ

од desk4
388 прегледи

Според последното истражување,  спроведено од Институтот за политички истражувања Скопје за емисијата “Детектор”, 55,8 отсто од граѓаните би гласале позитивно доколку се одржи референдум утре за влез на Северна Македонија во Европската Унија. Според истото истражување, една четвртина од анкетираните, или 24,8 отсто, би биле против влезот.

Од етничката гледна точка, 93,5 отсто од етничките Албанци би гласале за влез на Северна Македонија во Европската Унија, додека само 4,6 отсто би биле против. Кај Македонците, 43,5 отсто се за влез во ЕУ, додека 31,5 отсто се против.

Анализата на последните три анкети, спроведени во рамките на четири години, покажува значителен пад во поддршката за членство во ЕУ. Во 2019 година, 67,4 отсто од анкетираните биле за членство, додека во 2020 година таа бројка паднала на 65,5 отсто, а сега се спуштила на 55,8 отсто. Истовремено, противниците на членството се зголемиле од 17,3 отсто во 2019 година на 24,8 отсто сега, што значи дека секој четврти граѓанин е против членството.

Според истражувањето, најголема поддршка за зачленување во ЕУ ја покажуваат младите луѓе, додека најголеми противници се граѓаните во возраст меѓу 30 и 40 години.

Што се однесува до очекувањата за членството во ЕУ, 42,1 отсто од анкетираните се сметаат дека земјава никогаш нема да стане дел од ЕУ, 16,1 отсто очекуваат членство во наредните 10 години, 14,3 отсто во наредните 15 години, а 8,7 отсто очекуваат зачленување во наредните пет години. Само 1,7 отсто од анкетираните се оптимисти дека во ЕУ ќе се зачлениме веќе идната година.

Истражувањето на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведено телефонски во периодот од 2 до 6 мај оваа година, со репрезентативен примерок од 1.112 испитаници.

Слични содржини