Веб-страницата и апликацијата воопшто не се вчитуваа, а на корисниците им се појавуваше празен екран. Дел од корисниците пријавиле и страници со Cloudflare-грешки, иако проблемот бил во самиот X, а не во технички проблеми со Cloudflare какви што неодамна ја оневозможија платформата, пренесува The Independent.
За време на претходни прекини во работата на X, страницата најчесто се вчитувала, но без да прикажува објави.
Глобален прекин
Страницата за следење на статусот на онлајн-сервиси Downdetector забележа огромен пораст на пријави за проблеми со X околу 16 часот. Според достапните податоци, проблемите се појавиле низ целиот свет и на различни начини на пристап до платформата, вклучително и преку веб-страницата и мобилните апликации.
Недостаток на официјални информации
За разлика од многу други платформи, X нема јавно достапна страница за статус на своите услуги преку која би информирал за прекини и други проблеми. Постои страница за развојната платформа, на која за време на прекинот стоело дека „сите системи се оперативни“.
Прекинот дојде по уште еден голем технички проблем на X оваа недела. Двата инцидента се случуваат во период на засилени критики кон платформата во сопственост на Илон Маск и нејзиниот чет-бот Grok, поради создавање насилни и навредливи слики, често поврзани со жени и деца.
Кога Маск во 2022 година го купи тогашниот Твитер, многу корисници изразија загриженост дека неговата одлука да отпушти голем дел од вработените ќе го оневозможи нормалното функционирање на платформата. Оттогаш X најчесто остана достапен, иако повремено се соочува со технички проблеми.