Паѓа снег на неколку места, АМСМ со предупредување до возачите

од Nikola Popovski
5,6K прегледи

Авто-мото сојузот на Македонија информира дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по наместа влажни коловози, при што снег со слаб интензитет провејува на П.Шапка, Ресен, Крушево, Буково, Ѓавато и Пресека.

Наведуваат дека започнувајќи од утре, 11.12.2023 год. ќе биде изменет режимот на сообраќај на магистралниот пат A3, делница Прилеп-Битола поради изведување на геотехнички истражувања на коловозот. Времениот режим на сообраќај ќе се одвива согласно одобрен сообраќаен проект. Се замолуваат сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената времена сообраќајна сигнализација и да се прилагодат кон условите на патот. Времениот режим на сообраќај е со важност од 6 месеци, односно се до завршување на градежните работи.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од 15 ноември започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15-ти март 2024 година.

Слични содржини