Винисиус Жуниор преговараше за можно преселување во Саудиска Арабија во август минатата година, а разговорите продолжија во декември. Иако самиот играч и тренерот на Реал, Карло Анчелоти се обидуваат да ги премолчат гласините за потенцијален договор, „АС“ открива детали од понудата што ќе пристигне до мадридскиот клуб и наведува дека шпанскиот и европскиот шампион би можеле да се согласат со неа.
Услов е тоа да се случи само доколку играчот сака да го напушти „Сантијаго Бернабеу“ во потрага по плата која нема да може да ја добие таму. Бразилскиот напаѓач неодамна изјави дека сака да продолжи да пишува историја со Реал, а Анчелоти изјави дека и самиот слушнал од него дека е среќен таму и сака да остане.
„АС“ детално пишува за мега трансферот како зделка која може да ги сруши сите рекорди. Рекордниот трансфер и натаму е во сопственост на Нејмар од Барселона во ПСЖ (2017 година, 222 милиони евра), но тој ќе падне на второто место во рангирањето доколку се остварат замислите од Саудиска Арабија.
Како што е соопштено, она што ќе му биде понудено на Реал, а понудата најверојатно би стигнала од Ал-Ахли, е 300 милиони евра за комплетирање на трансферот. На Винисиус ќе му биде понуден петгодишен договор вреден 200 милиони евра по сезона. Доколку го прифати, во тој период ќе заработи милијарда евра, со што ќе стане првиот фудбалер во историјата со толку високи примања. Тој треба да стане и амбасадор на Светското првенство во 2034 година, чиј домаќин ќе биде Саудиска Арабија.
Винисиус, чија вредност „Трансфермаркт“ се проценува на 200 милиони евра, во 291 одигран натпревар за Реал има постигнато 101 гол и 83 асистенции. Тој има важечки договор до крајот на сезоната 2026/27.