Во скопскиот Кривичен суд ново рочиште за грозоморните убиства на малолетната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски. Првообвинетиот Љупчо Палевски одговара на прашања од Обвинителството. Според него, притисок се правел врз другиот обвинет Велибор Манев како и врз Ерол Османи кај кого вели дека бил да поправа котли во периодот на убиството на Жежовски.
За Османи, кај кого наводно поправал котли, вели дека лажно сведочел, затоа што во тоа време имал поткаст. За Велибор Манев, кој имал проблем со поплочувањето на дворот на убиениот Жежовски, вели дека проблемот меѓу нив бил подлабок, а случајно или не, на местото на увидот излегла обвинителката која претходно ја отфрлила кривичната пријава на Жежовски за Манев.
Палевски тврди дека не го знаел Жежовски ниту имал контакт со него, но порачал дека меѓу Манев и Жежовски имало нетрпение и омраза повеќе од 10 години.
Како дополнение, Палевски читал уште пораки кои во текот на поткастот ги примил со цел да докаже дека невозможно било физички да биде присутен кај Османи во Бутел.
Минатото рочиште беше откажано поради тоа што не присуствуваше адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски кој го оправда своето отсуство од здравствени причини. Судијата Стефановски кажа дека доколку Страшевски не се појави и на следното судење, судот ќе му одреди адвокат по службена должност. Палевски на поставените прашања на неговиот адвокат, се изјасни како невин во убиствата на Вања и Панче, и дека немал ниту мотиви, ниту причина.
Претходно сведочеа Велибор Манев, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Александар Ѓорчевски. Манев рече дека двете убиства ги извршил Палевски, додека Кешишев сведочеше дека видел како Палчо држи пиштол при убиството на Вања, додека за Жежовски воопшто не ни бил на местото кога се случил чинот.