Палчо ветувал по 150 илјади евра за грабнување на ќерка на фармацевт – откри сведокот Манев

од Nikola Popovski
58 прегледи

Ново рочиште за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски. Обвинетиот Велибор Манев во судницата откри детали од грозоморните убиства. Првично рече дека грабнувањето на Вања се извршило при третиот обид, а првичниот план бил да грабнат жена на возраст од 38-40 години.

Прашан кого планирале да грабнат, одговори дека Палевски кажувал повеќе личности, меѓу кои, како што рече „беше Сашо директорот на Гранит, после тоа, се одлучи за жена на 38-40 годишна возраст, ќерка на некој од фармацевтските куќи“. Според Манев, Палевски првично на секого им ветил „по 150 илјади евра за грабнување на ќерка на фармацевт“, за потоа, кога виделе дека не е таа личност, дека е грешка, им рекол „нема да бидат толку пари, ќе бидат помалку, ама важно ќе ги земеме“.

Рече дека ќе се обие да каже се и тоа да се запише на записник. На почеток го распитувал неговиот бранител Горан Бошевски.

-Со Боре Видевски се познавам од дете од основно. Со Љупчо Палевски се познавам од 2018 година тогаш стапивме во Фејсбук пријателство откако тој имаше потреба од набљудувачи за избори. Подоцна пристапив и во канцеларија така се запознавме и лично, подоцна се приклучив на партијата Трета, и од тогаш до денеска еве сум овде, со неговото знаење и познавање. Со Влатко Кекишев се знам неколку години, беше и тој дел до партијата Трета. Беше како готвач, домаќин, му ги одржуваше канцелариите на Трета и му готвеше на Љупчо Палевски. После тоа дојде тука затоа што му ја даде довербата на Љупчо Палевски, му готвеше без надомест, рече Манев.

Обвинетиот рече дека женското лице (Вања Ѓорчевска) го грабнале на 27 ноември, при третиот обид. Го опиша целиот настан од грабнувањето пред зградата во скопско Дебар маало до ликвидација.

– Стигнавме до местото оризови дупки и го отворивме гепекот. Палевски ја праша како се вика, што се вика, чија е, татко, мајка, сѐ почна да ја прашува, и од кога тоа го дозна ни рече да ја извадиме надвор за да ја слика и да може да прати слики на фамилијата. Откако ја извадивме од колата, ја откопчавме вреќата за спиење и салотејпот го извадивме видов дека тоа не е жена, туку дете. Влатко и јас бевме до него блиску и му рековме дека е грешка, треба да го пуштиме назад, бидејќи сме под маски, нема никој видено, да ја ослободиме. Палевски повторно почна да кажува да прекинам, дека ништо не разбирам, дека сѐ е таман, се било чисто, нема што да се бере гајле, дека првичната сума што ја понудил за грабнувањето нема да може да се земе, дека ќе биде помала. Се свртив да гледам кон лозјето, бидејќи беа некроени, напуштени одамна. Додека гледав, Палевски му пријде на детето, со пиштол и со перниче во рака му испука куршум и јас повторно бев надвор од себе, изјави Манев.

На прашањето на неговиот адвокат, зошто не се повлекол од вториот план за киднапирање, кога Палчо го убил Жежоски, тој рече дека се плашел за своето семејство.

-Палчо ми се закани по фамилијата, затоа не можев да се откажам, рече сведокот кој истовремено е и обвинет.

Еден од највознемирувачките делови од денешното сведочење беше моментот кога Манев ја опиша ликвидацијата на Панче Жежоски.

-Го донесовме до земуницата, му ги одврзавме рацете за да го спуштиме по скалите. Во тој момент, Палевски ненадејно му пука во слепоочницата. Бев шокиран, останав без зборови. Кога го прашав зошто, ми рече: „Вака е почисто, нема што да се секираш“, сведочеше Манев.

На изминатото рочиште одбраната на Палевски предложи до Судот да се достави чаурата пронајдена на местото каде што било пронајдено телото на Панче Жежовски за која вештачењето утврдило дека е од оружје калибар 9 милиметри. Воедно, побара пред Судот да бидат повикани две вешти лица за дополнително вештачење на чаурата. Судот по однос на ова барање треба да се произнесе денеска.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес

Слични содржини