Љупчо Палевски предложил имиња на адвокати кои сака да го застапуваат во истрагата за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Неговата молба, истражниот затвор ја проследил до Основниот кривичен суд Скопје од каде што велат дека ги издаваат сите дозволи поврзани со процесот, а проследени се и барањата за ангажман на наведените адвокати.
-Од Истражниот затвор Скопје до Основниот кривичен суд Скопје е доставено официјално известување за екстрадицијата на осомничениот за кој веќе е определна мерка притвор од негово пронаоѓање, односно лишување од слобода, како и барање за ангажирање на адвокат кој ќе го застапува во текот на постапката. Судот, во рамки на Законските одредби ги издава сите дозволи поврзани со истражната постапка која е во надлежност на Основно јавно обвинитeлство – Скопје и добиените барања ги доставува до предложените адвокати за нивно понатамошно постапување.
Дополнително, судија на претходна постапка во координација со надлежниот Јавен обвинител, ќе издаде наредба за спровод на осомниченото лице за негово произнесување во однос на околностите во предлогот на Јавниот обвинител за определување на мерката притвор, а за донесеното решение јавноста ќе биде благовремено известена“, се наведува во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.
Моментално Палевски издржува 30 дневен притвор под максимално обезбедување во затворот „Скопје“ во населбата Шуто Оризари.
По повеќе од пет месеци поминати во екстрадициски притвор во Турција, на 15 мај 2024 година во земјава беше екстрадиран Љупчо Палевски Палчо, првоосомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска на 27 ноември 2023 и на пензионерот Панче Жежовски.
Палевски со конвој од пет возила на Интерпол беше спроведен во затворот откако претходно слета на Меѓународниот аеродром во Скопје со редовна линија Истанбул – Скопје.
Кривичните дела за кој е осомничен се „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“. Предметот е се уште во фаза на истрага, но се очекува наскоро таа да заврши и да биде поднесено обвинение.
Двете жртви, 14-годишната Вања и велешкиот фризер Панче, беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември лани. Нивните тела беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.
Во овој случај како петоосомничен се јавува и таткото на Вања. Тој се гони за помагање во делото грабнување. Тој во моментов се наоѓа во домашен притвор.